„Ивица Дачиќ убаво пее, можеби пее и подобро, отколку што дава политички изјави, затоа што таа изјава не е изолиран случај и не е прв пат да му се случува“.
Така, министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов ја прокоментира последната изјава на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во врска со бугарското малцинство во Србија.
Потсетуваме дека меѓу Србија и Бугарија беа разменети остри зборови изминатиов викенд, по говорот на Дачиќ за бугарската политика. Каракачанов пред новинари изјави дека во последниве месеци зачестиле слични изјави на српските политичари во врска со Бугарија, и тоа без причина.
„Наша должност е да се грижиме за нашите сонародници. Кога нашите сонародници се незадоволни од Србија, тогаш има проблем“, рече Каракачанов.
Според него, сепак, се зголемува агресивниот тон кон Бугарија, особено во однос на проучувањето на бугарскиот јазик.
„Имајќи ги предвид амбициите за едно поголемо вооружување и изјавата пред околу половина година на српскиот министер за одбрана, дека Србија се залага за воздушна супериорност на Балканот, и ако се вратиме малку во историјата, можеби нема да направиме најопуштена анализа“, рече Каракачанов.
Тој додаде дека тоа биле оние Бугари кои биле одделени од Бугарија и дадени на Србија според Нејскиот мировен договор.
„Тие беа подложени на геноцид и по 44 години оваа политика продолжи. Погледнете каква беше пред 30 години, каква е сега. Политиката што Србија ја спроведува, вклучително и по војната во Југославија, е да го протера тоа население од таму – да нема бугарското општество“, рече Каракачанов.