Касами не сака да ја послуша Владата – СДСМ: Не е законско уривањето и градењето на нов стадион; ВМРО-ДПМНЕ: Уставниот суд ќе одлучи

од Nikola Popovski
1,5K прегледи

Силни реакции и ставови пред формирањето на новата Влада околу Градскиот стадион во Тетово. Владата одлучи да се сопре рушењето и изградбата на нов стадион на местото на стариот, додека првиот човек на општината Билал Касами истакнува дека постапката за градба е во согласност со законот. Тој отиде дотаму што објави дека нема да ја почитува одлуката на Владата. Им порача на техничкиот премиер Талат Џафери и вицепремиерот Артан Груби дека стадионот ќе продолжи да се гради.

„Локално“ побара одговори од дел од советниците во општина Тетово, со цел да се разјасни целата ситуација околу ингеренциите и дали е законска изградбата. Глигорије Стојановски, советник од редовите на СДСМ, појаснува дека не е законско уривањето и градењето на нов стадион.

Тој е дециден дека градоначалникот Касами не смее да ги одбива туку мора да ги извршува одлуките на владата.

Биљал Касами

-Владата во 2015 година им ги предала спортските објекти во Тетово двата стадиона (стариот и новиот), спортската сала и спортскиот центар) на управување на Општина Тетово. Ваквата пракса на градоначалниците не се случува првпат. Претходната градоначалничка Теута Арифи го уништи Спортскиот центар и го даде на приватна фирма која го претвори зо забавен парк. За жал, тогаш владата и Правобранителството не реагираа што не значи дека и сега не може да реагираат и да преземат законски мерки за ова претходно самоволие, истакнува Стојановски.

Во случајов, потврдува советникот, општина Тетово нема никакво право на сопственот.

-Спортските објекти се во сопственост на РС Македонија и Општина Тетово законски не смее добиеното право на управување да го пренесува на друг правен субјект, како во случајов на локалното претпријатие „Тетово транспорт“, а најмалку да гради без одлука на владата и без одобрение на Министерството за транспорт и врски, потенцира Стојановски.

Според него, советниците на СДСМ не го поддржаа доделувањето на управување на новиот Градски стадион на „Тетово транспорт“ и како советничка група бараат да се почитува Законот и одлуките на владата, што е став и на СДСМ.

Од друга страна, советникот во општината од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ратко Давидовски во куса изјава за „Локално“ вели дека се работи за реконструкција на стадионот, односно така барем им било презентирано.

-Дали смее да одбие одлука на Владата на крај ќе одлучува уставен суд. По ова прашање ќе имаме координација и ќе бидете известени навремено, посочува советникот.

Пред два дена на седница, Владата донесе одлука да се прекине реновирањето на Градскиот стадион во Тетово, почнато неодамна.

-Заклучено е, Генералниот секретаријат на Владата да подготви комплетна информација во врска со статусот на објектот Нов фудбалски стадион – Тетово, КП бр. 11476. Во меѓувреме, да се испрати укажување до Општина Тетово, да се прекине со работите на теренот, додека нема правна разврска на случајот. Исто така, Владата одлучи да се обрати со препорака до Уставниот суд, да ја земе предвид итноста на овој случај и да се произнесе во врска со поднесената Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на постапувањето во него. Владата заклучи и да се разгледаат правни основи, согласно Кривичниот законик, за покренување соодветна пријава до надлежните органи, во врска со овој случај, стои меѓу другото во владиното соопштение.

Касами возврати и најави дека новиот стадион ќе се изгради.

-Овој пат носејќи одлука за стопирање на работите на стадионот на град Тетово. Уште еднаш докажавте кој сте, докажавте дека само зло и направивте на оваа држава! Вашите денови се избројани, со вакви одлуки не не спречувате да работиме за нашите граѓани. Стадионот ќе се гради, и да не ви се допаѓа. Тетово и сите градови во државата ќе се градат и развиваат како што заслужуваат, напиша градоначалникот.

Во меѓувреме дојде реакција од Даријан Сотировски, актуелен директор на Комисијата за односи со верските заедници, кој е и жител на Тетово каде што вели дека рушењето на постојниот Градски стадион претставува уништување на државен имот од страна на Општина Тетово. Поднел претставка до Државното правобранителство како орган повикан да го штити државниот имот, до каде образложил дека незаконска е одлуката на Советот на Општина Тетово околу корисничкото право на стадионот. Тој вели дека сè уште како сопственик на стадионот според имотен лист е државата.

-Државното правобранителство ги потврдува моите наводи и утврдува прекршување на Законот. Исто така ме информираат дека започнале иницијатива до Владата и до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за заштита на државниот имот. Кога граѓаните би биле гласни, правниците упорни, а институциите внимателни и ажурни не би ни се случувало ова, посочува Сотировски.

Во април Сотировски поднесе и претставка до Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација против Општина Тетово и градоначалникот поради настанот кој беше организиран од локалната власт со цел да се презентира идејата за реконструкција на градскиот стадион на која имаше ревијален натпревар и настап на музичари. Таму образложи дека жителите со македонска национална припадност биле дискриминирани по основ на потекло, национална припадност и јазик.

Активностите за изградба на стадионот започнаа во април, а проектот кој ќе ја чини општината 10 милиони евра, треба да биде готов за три години.

Н.П.

Слични содржини