Мицковски слатко ме изнасмеа ама нека си спие мирно- нема нарачки!
Судијката Добрила Кацарска ја изрече првата пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во случајот „Тенк“, во траење од две години. Во издвоена постапка изрече и шест години за поранешната министерка за внатрешни Гордана Јанкуловска и шест ипол години за Ѓоко Поповски, помошник министерот за внатрешни. За обвинувањата дека, освен што казните се превисоки, туку и нема штета бидејќи „мерцедесот“ сѐ уште се користи, Кацарска синоќа во 1Тв настап аргументира дека не само што казните се високи, туку и не мора да постои штета за да бидат исполнети условите за да се каже дека делото е направено.
За критиките за третманот на Јанкуловска, која беше бремена за време на судската постапка, судијката од сегашна перспектива вели дека и како жена и како мајка имала разбирање, но јавноста не е доволно запознаена со тоа дека кога во предметот било побарано една расправа да биде одложена за 15-тина дена, била доставена документација од матичен гинеколог, која била проверена и Кацарска мисли, со голема веројатност дека е точно, дека веќе се води постапка во ОЈО против докторот што ја издал документацијата.
-Откако се утврди дека има ризична бременост, постапката се раздвои. Во текот на водењето бев максимално толерантна, ги почитував сите закони, не само за кривична постапка, како lex specialis, туку го почитував и законот за работни односи, според кој, ако и следуваше пауза од еден час, јас ѝ давав пауза од час и половона на нејзино барање. Тие рочишта не траеја повеќе од неколку часа дневно, вклучувајќи ја и паузата, вели Кацарска.
Таа додава дека не може постапката да не се води само затоа што Јанкуловска е мајка.
Судијката Добрила Кацарска во синоќешното интервју на 1ТВ го коментираше тоа што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го користи изразот „Кацарска судство“ кое суди по нарачки на Заев.
-Првиот пат кога слушнав кога Мицкоски кажа Кацарска судство слатко се изнасмеав. Мицкоски како претседател на партија може да има сознанија дека некој некогаш нарачувал пресуди. Јас бев судија кога премиери беа Црвенковски, Георгиевски, Бучковски, Груевски, сега Заев. И никој од нив не се осмелил да ми се јави и да ми каже како да судам. Јас мирно спијам, а на Мицкоски ќе му порачам нека спие мирно, кај мене нарачани пресуди нема и нема да има, рече Кацарска.