Казна затвор до 5 години за оние што повикуваат на бојкот на пописот

од Nikola Popovski

Два дена откако од владата порачаа дека кривично ќе се одговара за повикувањето на бојкот на пописот, денеска образложија за кое кривично дело се работи.

„Повикувањето и бојкотот на регистрацијата е кривично дело, исто е како да се пружа отпор и непочитување на законите и државните органи, во тој случај се предвидени парични казни или затвор до 5 години за оние кои повикуваат на бојкот“, рече денес владиниот портпарол Душко Арсовски на прес-конференција.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски  на денешната онлајн работилница со новинарите за процесот на попишување, изјавил дека секој оној кој повикува на бојкот на пописот не ѝ мисли добро ни на сопствената држава, ни на сопствените граѓани.

„Според законот, има казни за некој што ќе одбие да даде податоци. Но, нашата намера не е да казнуваме, нашата намера со пописот не е да собереме пари од казна, туку да собереме податоци. Ова не го правиме за ниедна политичка опција, туку за граѓаните и државата. Ги повикувам сите да не наседнуваат на дневнополитички цели на одредени политички субјекти, зашто на есен има локални извори и сите политички партии се обидуваат да се наметнат со свои политики“, рече Симовски.

Во однос на активностите во дијаспората, досега се самопопишале 137.114 македонски државјани кои живеат во странство, а претставничката на ДЗС Ѓоргиева соопшти дека најголем е бројот во Швајцарија, Германија и Италија, како и дека е забележан и раст во САД и Канада.

Портпаролот Арсовски посочи дека податоците од Пописот се доверливи и заштитени по највисоките стандарди и со учеството во оваа статистичка операција секој придонесува државата да има релевантни и точни податоци, а не претпоставки, за да може да се креираат политики за натамошен развој.

Слични содржини