Ќе добие ли зградата на ВМРО-ДПМНЕ статус на дивоградба?

од Vladimir Zorba
126 прегледи
 
Зградата на ВМРО-ДПМНЕ ќе добие статус на дивоградба зашто ќе се најде на листата објекти чии одобренија за градба ќе бидат поништени откако Општина Центар одлучи да поништи четири детални урбанистички планови во центарот на Скопје. Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ влегува во ДУП-от „Мал ринг“ усвоен во 2012, кој Советот на Општина Центар во средата го поништи.

Општината ќе ги поништи сите одобренија за градење издадени од септември 2012 досега согласно плановите Голем Ринг – Јужен дел – Запад, Централно зеленило покрај река Вардар – Јужен дел, Централно градско подрачје – Мал Ринг и Голем ринг – Јужен дел – Исток изгласани во 2012.

– Одобрението за градење на објектот Општина Центар го издала на 10.04.2013 година на ВМРО-ДПМНЕ и Бетон АД Скопје. И покрај тоа што зградата е вселена, одобрението ќе биде поништено оти објектот сѐ уште не е заведен во Катастар. Процедурите за негово заведување не се завршени бидејќи има отстапувања и од ова одобрение за градење, поради кои не може да се направи технички прием на објектот. Поништеното одобрение ќе значи дека инвеститорот треба повторно да поднесе барање за одобрение. Градбите кои ги има во стариот план, оној што важел до 2012, ќе добијат нови одобренија за градење, но оние што не се предвидени ќе добијат статус дивоградби. Во стариот план го има објектот во кој е сместено седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, но со далеку помали димензии -велат од Општина Центар за порталот СДК.мк.

Своето седиште ВМРО-ДПМНЕ го стави под хипотека за кредит од три милиони неколку дена пред изборите на 11 декември 2016 година. 

Секторот за урбанизам во Центар до следната среда треба да достави до градоначалникот Андреј Жерновски список со објекти чии одобренија ќе бидат поништени. Се очекува бројот на поништени одобренија за градење од 2012 година досега да биде околу 30, плус оние што се уште не почнале да се градат.

Од Општината велат дека ќе настојуваат да бидат поништени и продажбите на земјиштето и тоа да се врати во сопственост на државата за Шпанските скали на плоштадот „Македонија“, катната гаража зад поранешен „Метропол“, катната гаража кај „Аутомакедонија“, кулите и подземната сообраќајница кај Јужен булевар, улицата на Кеј 13 Ноември.

Од Општината најавуваат сигурно  стопирање на изградбата и на Панорамското тркало, Офицерски дом и хотелот до него, споменикот на Мајка Тереза до плоштадот, како и пристапната улица на кејот на Вардар. Некои веќе се стопирани, а за некои ке се бара и целиот простор да го доведат в првоботна состојба од пред изградбата.