На денешната 112-та седница Владата ја разгледа информацијата на Агенцијата за млади и спорт за потребата од основање самостојна независна Агенција за анти-допинг на Република Северна Македонија.
За оваа цел Владата ја задолжи Агенцијата за млади и спорт во рок од 6 (шест) месеци да иницира и оствари координативни средби со претставници на националните анти-допинг организации на земјите од непосредното соседство и Светската анти-допинг агенција (WADA) со цел размена на искуства од кои ќе произлезат препораки за најдобра пракса согласно релевантни индикатори по што ќе изготви компаративна анализа со можни решенија и препораки за организациската поставеност и фискалните импликации заради основање на Агенција за анти-допинг на Република Северна Македонија.
Основање на Агенција за анти-допинг произлегува и од обврските од Меѓународната конвенција за борба против допингот во спортот на УНЕСКО што нашата земја ја потпиша во 2008 година и која, меѓу другото, има за цел да ја намали фреквенцијата на допинг супстанци и останати забранети допинг средства и методи, да ја засили допинг контролата со примена на најнови технологии за неговото откривање, да ја гарантираат ефикасноста на санкциите кои се преземаат против оние кои применувале допинг, како и да соработува со спортските организации на меѓународен план во борбата против допингот.