Ќе се прескокне традицијата: Епидемијата ќе ги изгаси бадникарските огнови и коледарските песни

од Берта Китинска

Епидемијата со коронавирусот целосно го измени начинот на живот нкако и нормалното празнување и реализирање на традицијата

Во пресрет на Божиќните празници, а поради опасноста од ширење на ковид, Македонската Православна Црква ги откажа бадниковите поворки, но и други божиќни прослави каде традиционално секоја година има голем број верници.

Неизвесно е дали утре малите коледарчиња, со познатите коледарски песни,  рано наутро на Божик ќе го најават Христовото раѓање . Некои свешени лица порачуваат тие да останат дома.

И Манифестацијата „Бадникови поворки“ годинава нема да се одржи.

Од Здружението „Бадникови поворки“ на својата фејсбук-страница објавија дека овој пат околностите не дозволуваат да се организира божикната манифестација, ниту да се собираат и формираат поворки. Тие ги повикуваат верниците на 6 јануари, точно во 12 часот, каде и да се наоѓаат на планетата Земја да запрат за миг и да се помолат за подобра година за сите и силно да ја запеат Божикната песна.

За православните христијани утре е Бадник, денот кога се собира семејството на трпеза, на која освен храна има и бадниково гранче, кое претставува симбол на светлината и топлината на домот и на сите членови на семејството!

Бадниковата вечера треба да нè потсети на тоа колку е важно семејството и слогата во него.

Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година.

Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка.

Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.

Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божик.

Слични содржини