Ќе се воведува кризна состојба, полицискиот час нема да го запре вирусот

од Берта Китинска
396 прегледи

За првпат кај нас се воведува кризна состојба во целата држава.

Поради зголемениот број на заболени со ковид 19 за првпат кај нас се воведува кризна состојба во целата држава.

Вчера беа регистрирани нови 1198 случаи, а починаа 26 лица на ковид-19

Откако Владата ќе прогласи кризна состојба како што предложи Советот за безбедност, државата ќе управува, односно менаџира и со приватните болници и нивниот медицински кадар за поуспешно справување на корона кризата односно поуспешно лекување на се поголемиот број на заразени со ковид-19.

Сепак со оглед на тоа што ваква кризна состојба за првпат ќе биде воведена кај нас, министерот за здравство, Венко Филипче најави дополнителни детали за тоа како ќе се спроведува оваа одлука во пракса, односно дали граѓаните кои евентуално ќе се лекуваат во приватни болници за време на кризната состојба ќе плаќаат по цените што ги имаат приватните болници или ќе плаќаат како да добиле услуга во јавноздравствените установи.

Полицискиот час нема да го запре вирусот

Сметаме дека нема да има ефект ако се воведе полициски час. Треба да се носи маска и на отворено и затворено, да се мијат раце често и да нема групирање”, вели Филипче.

Премиерот во врска со воведувањето на кризната состојба, напомена дека во овој момент не се исклучува можноста за полициски час.

-Во моментов не се разгледува, но тоа е работа на Комисијата за заразни болести, која има надлежност да побара, изјави денеска премиерот Зорна Заев по средбата на Советот за безбедност.Останува препораката да не се движиме по 21 час, освен ако имаме неопходна потреба. Кога се прогласува кризната состојба има дебела причина зошто тоа се прави. Се ова е со цел да се има болнички капацитети”, посочи Заев.

Воведувањето на полициски час не зависи од кризната состојба, кажа Пендаровски, додавајќи дека за тоа одлучува Владата.

-Во моментов ние имаме прогласено кризна состојба на северната и јужната граница во врска со илегалните преминувања на мигранти и бегалци. На тие подрачја, полицијата и војската работат заедно. Откако ќе биде декларирана кризна состојба на цела територија, ќе биде овозможена на целата територија на земјата. Армијата веќе дава поддршка на здравствените институции и полицијата, но во лимитиран обем. Откако ќе биде прогласена кризната состојба, тогаш Законот за одбрана и Законот за управување со кризи посебно даваат поширок можности за поддршка на надлежните институции, пред се здравствените, додаде Пендаровски.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи за економски прашања изјави дека владата останува на ставот да не се воведува полициски час, иако бројот на заболени од Ковид-19 рапидно е пораснат.

– Ставот на владата е дека се уште не е дојдено времето за полициски час. Мерките од здравствен аспект даваат резултат. Што се однесува до последиците, тие се поврзани – колку повеќе го кратите времето на економските субјекти, толку повеќе загубите се поголеми за нив, изјави Битиќи.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 51213, бројката на оздравени пациенти е 30204, на починати е 1423, а бројот на активни случаи изнесува 19586.

Слични содржини