Додека светот сè уште го копка да дознае каде започнала пандемијата на коронавирусот, Кина реагира превентивно.
Имено, на земјоделците во Кина им биле понудени пари со цел да престанат да одгледуваат егзотични животни, пренесува „Гардијан“. На тој начин, тие би спречиле понатамошна трговија со животни, за кои се верува дека се носители на вирусот, таканаречени средни домаќини, кои го пренеле коронавирусот од лилјаците на луѓето.
Властите, наводно, ветија дека ќе ги купат сите животни од фармите за да спречат понатамошно размножување, тврдат активисти за заштита на животните.
Во последните неколку месеци, Кина забрани продажба на месо од диво животно и со тоа спречи инфекцијата да се шири кај луѓето. Сепак, трговијата со егзотични животни сè уште е дозволена заради научни истражувања и традиционална медицина.
Да се потсетиме, инфекцијата со коронавирусот за првпат беше пријавена во градот Вухан, а се верува дека се прошири кај луѓето од лилјаците, веројатно преку животни-посредници, од каде се прошири низ целиот свет.
Две централни кинески провинции понудиле да ги купат леглата од земјоделците и со тоа да спречат нова трговија со „опасни животни“. Во петокот, провинцијата Хунан претстави „шема на компензација“ со која тие се обидуваат да ги принудат земјоделците да се префрлат од одгледување диви животни на билки што се популарни во традиционалната медицина.
Според оваа шема, надлежните се подготвени да платат дури 16 долари за килограм кобра, кралските ѕвечарки или смогови. Тие исто така се подготвени да платат околу 10 долари за килограм месо од стаорец.
Исто така се подготвени да платат дури 50 долари за цибетка, животно за кое се верува дека им го пренело коронавирусот на луѓето.
Дали ќе дозволат одгледување поради крзното?
Соседната провинција Џиангси е исто така подготвена да им понуди пари на земјоделците со цел да преминат на одгледување домашни животни. Да потсетиме дека Џиангси и Хунан се граничат со провинцијата Хубеи, каде вирусот за првпат се појави во декември.
Општествата за заштита на животните наведуваат дека провинциите Хунан и Џиангси се главните центри за размножување и трговија со егзотични животни и дека во последните 10 години е забележан голем раст во трговијата. Заработката од одгледување достигнала 10 милијарди јуани во 2018 година.
Се верува дека другите кинески провинции ќе се приклучат на истиот модел. Сепак, веројатно е дека на земјоделците ќе им биде дозволено да ја одбијат оваа понуда на надлежните и да продолжат со одгледување, но нема да им биде дозволено да го носат месото и животните на пазарите. Исто така, владиниот план не вклучува диви животни кои се одгледуваат за крзно или традиционална кинеска медицина.