Кирацовски: Да не се разрешува Пауновски, туку да да се променат критериумите за распределба на „рамковните“

од Nikola Popovski
430 прегледи

„Да не се разрешува директорот на ДПИ, Стојко Пауновски, туку да се променат критериумите за рамковна распределба на вработените по рамковниот договор“, вака поранешниот генерален секретар и пратеник од СДСМ, Александар Кирацовски ги коментира препукувањата меѓу премиерот Зоран Заев и директорот на ДПИ, Стојко Пауновски за рамковно вработените.

Според него, административците по рамковниот концепт треба да бидат артикулирани во системот, согласно критериумите кои важат за сите останати, без нивно привилегирање на штета на истиот.

„Кога веќе силно се залагаме за подигнување на критериумите на високо професионално ниво во администрацијата и државниот апарат, неупатно и погрешно е да го менуваме оној кој најдоследно ги применува. Можеби јавната конфронтација на Пауновски е политички несмасна и спротивна на професионалниот кодекс на однесување, но неговата смена во овој момент би била грешна порака, спротивна на евидентните заложби!“, стои во објавата на Кирацовски.

Директорот Пауновски одби да ги прими „рамковно“ распределените вработените кои досега седеа дома, а земаа плата бидејќи како што истакна дел од нив немаат соодветвно образование, а дел сакале да работат само во три града во западна Македонија додека во источниот дел на земјата како што вели тој инспектори речиси и воопшто и да нема.

Премиерот Зоран Заев најави негово разрешување, затоа што „секој ден да водите полемики со потпретседателот на Владата, со претседателот на Владата, е пркос кој не е дозволен“.

„Хиерархијата треба да се почитува, таа е поставена и треба да функционира. Се работи за мој исклучително добар пријател, но кажувам што е принцип“, рече вчера Заев.

Слични содржини