Ќе може да се гласа и со истечени лични документи од 24 јули 2023

од Nikola Popovski
277 прегледи

На претседателските избори утре ќе може да гласаат граѓаните на кои по кој било основ, по сила на закон или по рок на важност им истекле личните документи на 24 јули 2023 година до 24 април. Ова следува откако Собранието на 7-ми март по скратена постапка со 84 гласови за и 2 воздржани без расправа го изгласа Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.

Над 100.000 граѓани кои имаат право на глас немаат важечка лична карта, а пасошите им се со старото уставно име, според податоците од Министерството за внатрешни работи (МВР). Измените беа поднесени од кординаторите на пратеничките групи СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса за Албанците.

Со Законот, меѓу другото се разјаснува и процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата кои ќе наполнат 18 години помеѓу двата изборни круга, односно лица кои наполниле 18 години од последните одржани избори (локалните во 2021), до денот на одржување на годинешните избори. Од нив, над 1.000 немаат нов документ.

Оваа одредба од Изборниот законик е составен дел на Упатството на Државната изборна комисија за начинот на утврдување на идентитетот на гласачите.

Истата одредба ќе се применува и на парламентарните избори со тоа што на нив ќе можат да гласаат граѓаните на кои по кој било основ, по сила на закон или по рок на важност им истекле личните документи од 8 август 2023 година до денот на изборите 8 мај.

Граѓаните ќе можат да ги подигнат готовите лични документи и в среда, на 24 април, на денот на одржувањето на првиот круг од претседателските избори. Од МВР посочуваат и дека скопјани ќе можат личните карти да ги подигнат и во полициските станици.

„Во пресрет на претстојните претседателски избори што ќе се одржат во среда на 24 април 2024 година, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 24.04.2024 година ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 8 до 19 часот“, информираа од МВР.

Слични содржини