Ќе поскапат ли становите по Нова Година?

Се уште е неизвесно дали становите што се продаваат за првпат ќе се даночат со повластена стапка од 5 отсто или таа ќе се зголеми на 18 отсто. Повластената стапка беше воведена 2010 година и беше најавена како антикризна привремена мерка со цел да ја стимулира градежната индустрија.

од Vladimir Zorba
14 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Се уште е неизвесно дали становите што се продаваат за првпат ќе се даночат со повластена стапка од 5 отсто или таа ќе се зголеми на 18 отсто. Повластената стапка беше воведена 2010 година и беше најавена како антикризна привремена мерка со цел да ја стимулира градежната индустрија.

Градежните експерти велат дека зголемувањето на данокот ќе предизвика ново зголемување на цените на становите за 13 отсто, што може да резултира со пад на продажбата на нови станови. Од Агенциите за недвижности сметаат дека зголемувањето на ДДВ-то ќе ја намали продажбата на нови, а ќе ја зголеми на стари станови за кои сега се плаќа само данок на промет од 2 до 4 отсто.

-Сега за купување на прв стан се плаќа 5 отсто, а се очекува данокот од Нова Година да се зголеми на 10 или 18 отсто. Секоја понатамошна продажба треба да се даночи со повисока стапка, бидејќи сега многу станови се купуваат за бизнис. Порано становите не се оптеретуваа со поголем данок затоа што се купуваа само за потреба, за живеење или за своите семејствата. Сега е друга ситуацијата, се купуваат становите како инвестиција и се издаваат. Има многу кој купуваат втор, трет стан и затоа треба да се продолжи со политиката на повисок данок, изјави за „Локално“ Никола Велковски сопственик на градежна компанија.

Зголемувањето на ДДВ од 5 на 18 отсто ќе ја зголеми цената на становите, но тој не верува дека ќе ја намали продажбата, бидејќи како што вели инвеститорите видоа дека вложувањето во станови е најбрзиот начин за поврат на пари.

-Државата на овој начин сака да прибере повеќе пари во буџетот и таа да земе дел од колачот. Сметам дека 18 отсто е многу и реално е ДДВ да се зголеми на 10 отсто. Станот се купува тогаш кога ќе отидеш на нотар. Ако го платиш и отидеш на нотар пред 1 јануари 2026 година тогаш ќе платиш ДДВ од 5 отсто. Доколку претходно си дал само аванс за купување на стан, а си направил договор кај нотар после Нова година тогаш плаќаш 18 отсто ДДВ, објаснува Велковски.

Од агенциите за недвижности велат дека зголемувањето на ДДВ ќе ги поскапи становите и ќе ја намали продажбата на нови, но ќе ја зголеми продажбата на стари станови, кои на почетокот ќе бидат поевтини, а потоа поради поголема побарувачка може да поскапат.

-Зголемувањето на ДДВ ќе повлече зголемување на цената на нови, но и на стари станови. Старите станови во почетокот може да бидат поевтини поради тоа што на нив се плаќа само данок на промет од 2 до 4 отсто, а во Скопје 3 отсто, но и тие може да се зголемат. Последниве години имаме само нагорен тренд на цените на становите и не верувам дека во догледно време тој може да се промени. Зголемувањето на цената на работната рака, градежните материјали, градежните парцели…, како и одлуката за зголемување на ДДВ-то само дополнително ја подгреваат цената, вели за „Локално“ Александар, сопственик на Агенција за недвижности.

Познавачите на состојбите на пазарот со недвижности велат дека цената на становите во државата расте и поради многу други фактори и општествени случувања во државата. Во последно време е зголемената побарувачката од странски работници, млади кои живеат сами, дигитални номади, фриленсери..,. Поради тоа, тие сметаат дека становите ќе стануваат уште поскапи.

Б.С.

Слични содржини