Во Собранието на РСМ во текот на вчерашниот ден се закажа собраниската Kомисија за европски прашања на која во процедура со „европско знаменце“ се предлага промена на Кривичниот законик.
Со оваа промена се предлага намалување на казните за „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и за „злосторничко здружување“.
Со една од промените се предвидува дека сторителот ќе се казни со казна затвор од една од 4 години, што значи дека се воведува горна граница, од која се пресметува застареност. Во актуелното законско решение, нема горна граница, туку санкцијата е дефинирана на најмалку 3 години, што значи дека горната граница се поставува на 20 години.
Во врска со делот за злосторничко здружување, со предложените законски измени, се предвидува дека пропишана санкција до 10 години се намалува на до 3 години, додека санкцијата пропишана на до 5 години во ставот 2 се намалува на до 2 години.
Ова не е прв пат измените во Кривичниот законик да поминат во Собранието. Обид за нивно изгласување имаше во периодто пред гласањето на уставните измени за промена на името по Преспанскиот договор, но по реакциите на дел од тогашните пратеници законот беше повлечен.