Во следниве две недели Клиниката за кожни болести ќе биде целосно затворена.Персоналот ќе биде во двонеделна домашна изолација, а пациентите веќе се пуштени дома, велат од Министерството за здравство.
Во моментов во Клиниката се присутни епидемиолози и уште неколкумина вработени, чија задача е да ги подготват просториите за дезинфекција. Клиниката ќе остане затворена во следните две недели.
Министерот за здравство Венко Филипче, денес соопшти дека директорката на Клиниката за кожни болести, Нина Цаца Билјановска е позитивна на КОВИД-19.
Таа пред една недела се вратила од Италија и изминатите пет работни дена одела на работа.
Министерот за здравство Венко Филипче изрази разочараност од неодговорниот однос на заразената директорка, на новинарско прашање дали директорката ќе биде суспендиранa, министерот рече дека ќе бидат преземени мерки против сите за кои ќе се утврди дека направиле нешто што го загрозува јавното здравје.
Мора да имаме одговорност за колективното здравје. Како министер за здравство кој секојдневно апелира да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, морам да кажам дека сум крајно разочаран што станува збор за наша колешка, докторка, изјави тој.