И додека ВМРО-ДПМНЕ на голема врата најваува дека веќе има обезбедено поддршка од 61 пратеник за да побараат гласање за доверба на Владата, од владејачката коалиција порачуваат дека Мицкоски лидерските недостатоци ги компензира пред своето членство со пласирање на лажни информации во јавноста.
Коалициските партнери на СДСМ во врска со најавите на најголемата опозициона партија дека веќе имаат обезбедено поддршка, но чекаат на уште четворица пред да побараат гласање за доверба на Владата, во разговор за „Локално“ велат дека владејачкото мнозинство е стабилно и дека нивната најава е се само шпекулација.
Опозицијата според информациите на дел од медиумите кои се повикуваат на високи партиски извори, пишуваат дека се комуницира со БЕСА и со пратениците од помалите политички партии кои беа дел од предизборната коалиција на СДСМ и дека со ваков развој на настаните се отвара патот за уривање на владата на Заев и предвремени парламентарни избори.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, од редовите на Беса , во однос на овие тврдења вели дека овие шпекулации доаѓаат од опозициски извори и дека ВМРО -ДПМНЕ нема 61 пратеник во Собранието.
-Не знам од кај произлегува прашањето за формирање на ново парламентарно мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи очигледно е дека власта, чиј дел е и нашата партија, функционира во сите делови и сите нивоа. Во работата на оваа Влада има и несогласувања и различни размислувања, но на крајот се се сведува во изнаоѓање на најдобрите решенија и одлуки кои ќе бидат во корист на граѓаните. Шпекулациите, очигледно, доаѓаат од опозициски извори, но факт е дека ВМРО-ДПМНЕ нема 61 пратеник во Собранието, вели министерот Хоџа.
Од НСДП велат дека мнозинство е стабилно и дека во овие моменти не постојат никакви реални можности за било какви нови мнозинства во законодавниот дом.
-Цениме дека станува збор за политички блеф на лидерот на опозциската ВМРО-ДПМНЕ. Внатрепартиските турбуленции, поделби и незадоволства, со кои се соочува Мицкоски, а вклучително и со најавите за свикување на вонреден конгрес во март од страна на незадоволни членови и поранешни функционери на оваа партија, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е доведен во ситуација своите лидерски недостатоци да ги компензира пред своето членство со пласирање на лажни информации во јавноста. Парламентарното мнозинство, од чиј дел е и НСДП, е стабилно, во овие моменти не постојат никакви реални можности, а и причини, за било какви нови мнозинства во законодавниот дом, велат од НСДП.
Според првиот човек на Демократски сојуз Павле Трајанов, ваквите најави покажуват дека “берзата” за купопродажба на пратеници е отворена и дека ваквиот чекор е за осуда и дека одредени политичари треба да понесат политичка и кривична одговорност.
-Според моите согледувања, парламентарното мнозинство е стабилно и нема никакви најави за повлекување на пратеници од истото.Инаку поголемите партии јавно најавуваат: едни дека ќе се зголеми мнозинството, а други дека имат ново парламентарно мнозинство.Тоа само покажува дека “берзата” за купопродажба на пратеници е отворена, што е за осуда и тие што учествуват во тоа мора да понесат и политичка, но и кривична одговорност, вели Трајанов.
Лидерката на ДОМ Маја Морачанин за највата на опозцијата дека има поддршка од 61 пратеник, истакнува дека станува збор за пратеници кои се дел од мнозинството, а не се членови на СДСМ.
-Во последните неколку недели, во медиумите често се присутни информациите дека опозицијата обезбедила доволен број пратеници за да формира ново парламентарно мнозинство. При тоа, се истакнува дека станува збор за пратеници кои се дел од мнозинството, а не се членови на СДСМ. За мене е нејасно зошто доколку опозицијата обезбедила мнозинство, би барала предвремени парламентарни избори? Јас немам сознанија дека некои од колегите преговарале со опозицијата за формирање ново мнозинство. Ние, како пратеници од ДОМ, не сме учествувале во такви разговори. Фокусирани сме на реализација на нашите приоритети од Зелената програма на ДОМ, да овозможиме поквалитетен живот во здрава животна средина, за што и ја добивме довербата од граѓаните на изборите, вели Морачанин.
За преседателот на Турската демократска партија, Бејџан Илјас опозицијата шпекулира со цел да постигне одредени политички ефект.
-Со оглед на фактот дека сме дел од владината коалиција и сме во постојана комуникација со партнерите во коалицијата, не сме воочиле активности кои би воделе во правец на ваквите информации. Доколку тие се базираат на поедини изјави кои се однесуваат за пописот и за законот за личните карти, а кои не соодествуваат со владините ставови по тие прашања би било политички опортуно тоа да се смета како напуштање на владината коалиција и формирање на ново парламентарно мнозинство. Јас не верувам дека се случуваат такви активности и дека повеќе се работи за шпекулации со цел постигнување на одредени политички ефекти, вели Илјас.
С.Македонија треба да ја напушти праксата на одење на брзи и предвремени избори
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека во земјата треба да се одржат предвремени парламентарни избори, ако е можно и заедно со локалните, со што ќе се обезбеди стабилно владино мнозинство.
-Час поскоро треба да се одржат предвремени парламентарни избори бидејќи ова нестабилно, мало, тенко владино мнозинство покажа дека Македонија е хибриден режим, дека е заглавена во корупција и е на 111-то место, изјави Мицкоски.
Премиерот јасно и стави на знаење на опозицијата дека овој предлог не е прифатлив и дека не е време за предвремени избори.
-Јас тврдам дека вонредни парламентарни избори нема да има, зашто не носат ништо добро на државата. Впрочем и да има тие нема ништо да променат само можат да ги закочат развојните проекти, рече Заев, според кој, избори треба, мора и ќе се случат, но во 2024 година.
И од ДУИ велат дека Владата функционира стабилно и дека мнозинството е сигурно. Лидерот на партијата Али Ахмети вели дека парламентарното мнозинство функционира нормално и дека воопшто нема судири или разлики меѓу коалициските партнери.
– Секако дека има разлики за одредени теми, но добрата работа е што на крајот за сите прашања се постигнува консензус. Нема никаква тешкотија во функционирањето на оваа партнерство, коалиција и воопшто не се размислува и нема никаква причина за ново парламентарно мнозинство. Не е дискутирано и не се размислува за реконструкција на Владата, рече пред неколку дена во изјава за медиумите лидерот на ДУИ.
Поголемиот дел од коалициски партнери на СДСМ се согласни со изјавата на премиерот дека не се потребни предвремени парламентарни избор.
Тие сметаат дека е потребно да се остави простор за да се поработи посериозно во сферата на економијата, борбата против организираниот криминал и пред се справување со пандемијата од ковид-19 и нејзините последици.
Од НСДП велат дека Северна Македонија треба да ја напушти праксата на одење на брзи и предвремени избори.
-На Северна Македонија не и се потреби нови предвремени парламентарни избори. Имаме Влада со програма за работа за периодот 2020-2024 година, цениме дека граѓаните по истекот на овој период треба да добијат шанса на редовни парламентарни избори да дадат оценка за работењето и исполнувањето на овие програмски ветувања. Северна Македонија потребно е да ја напушти праксата на одење на брзи и предвремени избори, затоа што тоа во повеќе наврати покажа нарушување на нормалното функционирање на иституциите и прекин на многу суштински политички процеси. Стабилноста, економскиот развој и напредок на државата, бараат стабилно и предвидливо политичко опкружување, велат од НСДП.
Трајанов, смета дека и добро е да се има силна и критичка опозиција и нормално е барањето за предвремени избори, но според него треба да се остави простор за власта да ја имплементира политичката програма.
-Многу често има избори, поздраво е за државата, партиите што добиле мандат да раководат со државата,треба да имаат доволно време за имплементација на изборните програми, преточени во програмата за работа на Владата. Сосема нормално е опозицијата да бара предвремени избори, добро е да има силна опозиција која критички ќе ја опсервира работата на Владата и ќе предлага решенија за некои круцијални прашања. Но, мора да се гради единство за националните и стратешките прашања, вели Трајанов.
Морачанин објаснува дека нема потреба од предвремени парламентарни избори, бидејќи изборите се одржаа пред само седум месеци.
– Од 2008 до 2020 година сите пет парламентарни избори во Македонија беа предвремени.Наместо исклучок, предвремените избори кај нас станаа пракса. Со причина, изборите во демократските земји се одржуваат на секои 4-5 години. Во овој рок избраните претставници, без разлика дали се дел од мнозинството или опозицијата, треба да се посветат на обезбедување благосостојба на граѓаните, а не поради калкулации за предвремени избори, да се кочи прогресот на општеството.
Според мене, неоснована е тезата дека со поголемо мнозинство ќе се постигне поголема функционалност на Парламентот. Доколку неколку пратеници одлучат да блокираат носење на некој закон, имаат многу можности тоа и да го спроведат: илјадници амандмани, процедурални забелешки, бескрајни дебати, паузи и други “креативни” начини на опструкција. Исто така, големите т.н. стабилни мнозинства носат ризик од слабеење на демократијата и појава на авторитарни тенденции.Сметам дека ниту ново парламентарно мнозинство, ниту предвремени избори не се решение кое ќе го подобри животот на граѓаните. Кога личните и партиските интереси доминираат над јавниот интерес, губиме сите како граѓани, губи државата. Потребна ни е поголема одговорност, конструктивност, повисоко ниво на политичка култура, меѓусебна почит и аргументирана дебата. И секако, промена на изборниот модел со една изборна единица без праг, отворени листи и 50% жени на листите, вели лидерката на ДОМ.
Илјас од ТДП, вели дека сега под овие околности во кои земјата се наоѓа најдобар избор е да се оди само на локални избори.
-Ставот на владеачкото мнозинство е да се оди на редовни парламентарни избори за да се остави доволен простор да се поработи посериозно во сферата на економијата, борбата против организираниот криминал и корупцијата, реформите во правосудниот систем и пред се справување со пандемијата од Covid-19 и нејзините последици. Тоа само по себе подразбира дека под вакви околности оваа година би се одело само на локални избори. Лично а и како партија сме за ова опција и верувам дека ако не се случат некои вонредни околности нема да се спојат локалните со предвремени парламентарни избори, објаснува Илјас.
Б.М.