Во сиромашните земји, само десет проценти од луѓето ќе можат да ја примат вакцината против коронавирусот следната година, бидејќи најбогатите земји веќе грабнаа поголем дел од ампулите – тврди „Народната алијанса за вакцини“, но и мрежа на други реномирани организации, вклучително и „Амнести Интернешнл“ и „Оксфам“.
Најголемите западни производители на вакцини, како што се „АстраЗенека“, „Фајзер“ и „Модерна“, проценуваат дека би можеле да произведат 5,3 милијарди дози вакцини до крајот на 2021 година. Клиничките тестови покажуваат дека едно лице треба да прими две дози од вакцината – така, целото производство, ако сè оди добро со вакцините, би било доволно за само една третина од светската популација.
Критичарите велат дека богатите купиле доволно дози на вакцина за да можат повеќе пати да ја вакцинираат целата своја популација, блокирајќи го пристапот до сиромашните. Една од критиките е дека производителите на вакцини го поставуваат профитот над здравјето.
Канада оди на сигурно
Богатите нации сочинуваат 14% од вкупното население во светот и наводно купиле 53% од најперспективните вакцини. На пример, според канадската влада, таа земја обезбедила повеќе од 414 милиони дози од седум различни компании. Но, канадската влада исто така рече дека „сите кандидати за вакцина ќе мора да поминат пред-клинички и клинички испитувања“.
„Здравствените услуги во Канада ќе продолжат да ги разгледуваат доказите за безбедноста, ефикасноста и квалитетот на производството за секоја вакцина веднаш штом ќе бидат достапни и да одлучат дали одреден производ ќе биде одобрен за употреба во Канада“, се вели во него.
Меѓутоа, ако само еден од трите водечки производители има доволно добра вакцина – Канада веќе се обезбеди, бидејќи нарача 76 милиони дози од секоја од овие три. Токму тоа одговара на населението на Канада од околу 38 милиони луѓе.
Сиромашните во мирување
„Врз основа на сегашниот примерок, се предвидува дека до 2023 или 2024 година нема да има доволно вакцини за да се покрие целата светска популација“, соопшти Duke Global Health Innovation Center.
Менаџерката за здравствена политика на „Оксфам“, Ен Мериот, драматично рече: „Освен ако нешто драстично не се промени, ќе поминат години пред милијарди луѓе ширум светот да добијат безбедна и ефикасна вакцина против Ковид-19“.
Како што стојат работите сега, посиромашните земји исто така може да добијат пристап до вакцини, но секако може да поминат години пред тоа да се случи.
Системот „Ковакс“, под покровителство на Светската здравствена организација, собира 172 земји, од кои 80 ќе ги финансираат самите вакцини и исто така ќе ги поддржат другите 92 земји во набавките. Целта е да се обезбедат две милијарди дози за ризичните групи до крајот на следната година. На долг рок, „Ковакс“ треба да обезбеди доволно вакцини за 20 проценти од населението во посиромашните земји, додека побогатите можат да купат повеќе од тоа самостојно.
„Фајзер“ и „Бајонтек“ изразија интерес да учествуваат во проектот „Ковакс“, а „АстраЗенека“ од Оксфорд вети дека 64 проценти од вакцините ќе бидат дадени на земјите во развој. Европската унија, исто така, најави дека ќе го поддржи проектот со 500 милиони евра.
Сепак, сето тоа ќе трае со години.
Профит пред здравје?
Постојат многу контрадикторни информации за тоа дали производителите на вакцини сакаат само да си ги наполнат џебовите или сепак да се обидат да направат нешто за здравјето на луѓето. Сè зависи од тоа кого ќе прашате.
„Народната алијанса за вакцини“, која стои зад неодамнешните медиумски извештаи за нееднаквоста во пристапот до вакцините, беше јасна за барањата од производителите на вакцини. Во нив се вели дека „не смее да има монопол врз вакцините, третманите и тестовите, дека вакцините мора да бидат масовно произведувани, дистрибуирани праведно и бесплатно достапни за луѓето во сите земји“.
Идејата е фармацевтските компании и истражувачките центри да ја стават на располагање нивната интелектуална сопственост за да можат да се произведуваат вакцини во сите делови на светот. Во основа, секоја вакцина е со отворен извор.
„Лекари без граници“ изјавија дека „АстраЗенека“, без оглед на нејзината обврска да не остварува профит од вакцините „за време на пандемијата“, сепак може да ги зголеми цените во јули следната година.
Извршниот директор на компанијата, Паскал Сориот, рече дека „ќе го третираат развојот на вакцината како одговор на глобална вонредна состојба, а не како обична комерцијална можност“. „Џонсон и Џонсон“ исто така најавија дека ќе ја обезбедат својата вакцина на непрофитна основа.
Ситуацијата не е иста со „Фајзер“, кој, според „Гардијан“, ги одбил средствата на американската влада и вложил две милијарди долари од свои пари.
„Значи, ќе има заработка, но маржите нема да бидат исти како и со другите лекови“, рече Дамиен Коновер од компанијата за финансиска анализа „Морнингстар“.
Сè на сè, финансиските детали се различни за секој производител на вакцини. Се очекува да остане така матно сè додека не се произведе и одобри вакцината.