„Кога сакаме, можеме да се договориме“: Попис во септември

од Берта Китинска

Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се договорија пописот да се одложи за септември.

„Кога сакаме, можеме да се договориме“, лидерот на СДСМ Зоран Заев,потенцирајќи дека со разбирање и договор партиите најдобро може да им служат на интерсите на граѓаните.

„Ова значи дека се одложуваат и локалните избори за втората половина на октомври. Дијаспората ќе продолжи да се попишува во целиот овој период, заклучно до 30 септември.На средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски освен за пописот, разговаравме и за имунизацијата од КОВИД-19, изборниот законик и унапредувањето на демократските модели за локалните и парламентарните избори и деблокадата на работата на Собранието“, рече Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со Заев рече дека е задоволен и дека е отворена вратата за нови средби.  Вели дека во борбата со невидливиот непријател кој не бира боја, вера и нација, треба да покажат државотворен капацитет.

„Главно беше да спасиме што повеќе човечки животи, и да спасиме семејства од трауми. Не сакаме да политизираме. Во животот има моменти кога консензусот е многу важен“, рече тој.

Утре ќе има измена во изборен законик кој се однесува на терминали за отисок од прст. Се согласиле да ги охрабрат преговорите за другите измени во изборниот закон, за изборен модел односно една изборна единица, отворени листи за следните локални избори, избор за градоначалник во прв круг, и гласањето на дијаспората надвор од ДКП.

Џафери е против одложување на пописот

„Одлуката за одложување на пописот не се прави со прес-конференција, туку во Собрание. Сепак, јас сум против одложување на пописот. Ние сме имале и избори сред пандемија. Пописот е индивидуален акт, попишувачот оди кај семејството и согласно протоколите прави регистрација, односно попис“, изјави  претседателот на Собранието, Талат Џафери во емисијата „Клик плус“.

Според него, во овој момент треба се да биде паметно и разумно.

„Ако Заев и Мицкоски се договориле за одложување, тоа треба да се претвори во Предлог-закон и потоа има парламентарни процедури“, рече Џафери.

Попишувачите ќе бидат во приоритетна група за вакцина

Има план да се обезбедат приоритетни вакцини за попишувачите кои ќе бидат ангажирани во спроведување на пописот, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

„Направивме план попишувачите да влезат во приоритетните групи. Државниот завод за статистика зеде обврска да прати список за попишувачи кои сакаат да се вакцинираат од тие 5050 кои се веќе пријавени да бидат попишувачи и тој список го очекуваме во текот на денот“, изјави Филипче.

Слични содржини