Кој е Наќе Чулев, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер во МВР?

од Aleksandar Todeski
644 прегледи

Поранешниот прв човек на Агенцијата за разузнавање, Наќе Чулев е новиот предлог на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за технички министер во Министерството за внатрешни работи. Тој на оваа функција беше од 2013 година до 2017 година, како кадар избран од поранешниот претседател Ѓорге Иванов. По завршувањето на мандатот, од 2017 година до 2019 година бил помошник на неговиот наследник, а исто така, од 2003 година до 2007 година бил и првиот секретар во амбасадата на Македонија во Анкара.

Неговото директорување во Агенцијата за разузнавање не помина без скандал. Чулев во 2016 година беше обвинет од тогашната опозициска СДСМ дека во неговиот Анкетен лист не го пријавил станот од околу 90.000 евра во луксузен станбен објект во Аеродром. Од партијата побараа и реакција од тогашниот состав на Антикорупциската комисија, кој пак беше близок до тогашната владејачка структура на ВМРО-ДПМНЕ, но до оставките на членовите на комисијата, не се презема ништо за тој случај. Партијата тогаш обвинуваше дека тој го криел станот затоа што немало да може да објасни како дошол да станот вреден 90.000 евра.

Чулев инаку е дипломиран криминалист со постипломски студии по мир и развој, на Институт за одбранбени и мировни студии при Филозофски Факултет на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“. Тој се има обучувано и доусовршувано во Велика Британија, Германија, Бугарија и други европски држави.

Работи во Директоратот за разузнавање на меѓународен тероризам и организиран криминал во Агенцијата за разузнавање, а е редовен предавач на Дипломатската академија на МНР.

А.Т.

Слични содржини