Десетина странци кои ја прекршија забраната за движење во еден индиски град добија необична казна. Во северниот индиски град Ришикеш, кој стана славен во 1968 година од легендарната група „Битлси“, туристи од Израел, Мексико, Австралија и Австрија беа фатени како го кршат полицискиот час.

Во Индија е воведен тотален карантин за скоро една милијарда и 400 милиони жители, кои може да излезат само во итни случаи или да набават најважни работи.
Заради прекршокот во Ришикеш казнети се како Барт Симпсон во една од најпознатите ТВ серии на сите времиња.
Тие морале да ја напишат реченицата „Јас не ги почитував правилата за карантин и затоа многу ми е жал“ дури 500 пати, соопшти началникот на локалната полиција Винод Шарма.
Над 700 странски туристи од Соединетите држави, Австралија, Мексико и Израел беа „заглавени“ во тој дел од земјата за време на карантинот, а Шарма рече дека целта на необичната казна е да ја „научат лекцијата“.
Полицијата, исто така, им рече на директорите на хотелите дека можат да им дозволат на странците да се движат само со помош на локалните помагачи.
„Оние што не ги почитуваат правилата, можат да бидат казнети“, додаде шефот на полицијата.
Покрај тоа, властите во тој дел на Индија смислиле начин да ги одвратат луѓето од улиците така што полицајците носат шлемови во облик на коронавирус.
Сликите кружат на социјалните мрежи и дека во некои делови од земјата, службениците за спроведување на законот ги казнуваат луѓето на улиците со ќотек.
Премиерот на Индија Нарендра Моди планира да го продолжи целосниот карантин за уште две недели, иако треба да заврши во вторник.
Во една од најнаселените земји во светот досега се пријавени повеќе од 8.300 случаи на инфекција и 273 смртни случаи.