Кој ќе ја наследи Меркел? Изборите во Германија стануваат сe понеизвесни

од Vladimir Zorba

Неколку недели пред изборите за Бундестагот, германските социјалдемократи и нивниот кандидат за канцелар, Олаф Шолц, се доближија целосно до Зелените, а демохристијаните ја бранат првата позиција. Резултатите од изборите стануваат сe понеизвесни.

Кој ќе ја наследи Ангела Меркел? Во редовната анкета на Првата програма на Германската телевизија (АРД) наречена „Дојчландтренд“, на крајот од минатата година речиси сe велеше дека германските демохристијани (ЦДУ), заедно со сестринската партија на баварските демохристијани (ЦСУ), би победила убедливо. Во април германските конзервативци донесоа одлука дека нивниот кандидат за функцијата канцелар ќе биде Армин Лашет, пишува Дојче веле.

Потоа, според бројките, имаше јасен тренд кон коалиција на демохристијаните со силна Зелена партија. Заедно, демохристијаните и Зелените тогаш имаа 57 проценти од гласовите. Институтот за истражување на јавното мислење „Инфрастест Димап“, кој спроведува анкети, во мај откри дека поддршката за демохристијаните е слаба, па затоа Зелените дури привремено ги престигнаа во популарност. Во тоа време, се чинеше дека решавачкото прашање е дали Ангела Меркел, која е на власт од 2005 година, ќе ја наследи првиот човек на германските демохристијани, Армин Лашет, или шефицата на Зелените, Аналена Бербок.

Но, во изминатите три месеци, трендот повторно се смени. Според последните анкети, демохристијаните и Зелените имаат само 46% поддршка. Ако се соберат гласовите на другите партии – социјалдемократите (СПД), германските либерали (ФДП), Алтернативата за Германија (АфД) и Левицата – тогаш, исто така, доаѓа до 46 проценти. Значи, сите партии мора да преиспитаат со кого се подготвени да влезат во коалиција по изборите на 26 септември.

На директни избори, Шолц ќе победи

Одеднаш, постојат шанси социјалдемократскиот кандидат Олаф Шолц да формира „црвено-зелено-жолта“ коалиција, која во Германија е наречена „коалиција Семафор“ поради боите на партиите. Би ја предводеле социјалдемократите, а мнозинство би гарантирале Либералите и Зелените. Само уште еден процент ги дели социјалдемократите од Зелените, и математички такво мнозинство веќе би било можно. Ако продолжи трендот на зголемена популарност на социјалдемократите, а демохристијаните не ја изгубат популарноста, тогаш на крајот би било можно да се повтори сегашната владејачка коалиција на демохристијаните и социјалдемократите. Се разбира, прашањето е дали би се постигнал политички договор за содржината на заедничкото владеење.

Ако Германците директно избраат канцелар, без разлика на партијата, Олаф Шолц ќе беше најпопуларниот. Тој би бил поддржан од 35% од гласачите, а кандидатот на демохристијаните Армин Лашет ќе мора да се задоволи со 29% од поддршката. На трето место, со значително заостанување, е Аналена Бербок, која според анкетите ја поддржуваат 16% од испитаниците. Бројките се уште појасни кога се поставува прашањето од чија политичка работа се задоволни испитаниците. Олаф Шолц има најдобра оценка од 48 проценти од испитаниците, Аналена Бербок е на второ место со 27 проценти, додека Армин Лашет е најслаб со 24 проценти.

Ангела Меркел се уште е најпопуларна

Неспорниот број еден во таа категорија се уште е Ангела Меркел со 66 проценти поддршка. Германската канцеларка, која повеќе не сака да се кандидира по 16 години на власт, има широка поддршка од населението: 75% од испитаниците веруваат дека таа би била добар канцелар. Признанието за нејзината работа е големо во сите партии, со исклучок на Алтернатива за Германија. Повеќе од две третини од испитаниците сметаат дека Ангела Меркел е компетентна, силна лидерка, убедлива и сочувствителна. Таа група карактеристики ќе и служи на шеесет и седумгодишната Ангела Меркел да владее додека новиот Бундестаг не одлучи кој ќе ја наследи. Ангела Меркел ќе мора да се справи со еден од најголемите предизвици во нејзиното целокупно владеење – пандемијата.

Истражувачите, исто така, поставија неколку прашања за „Дојчландтренд“ за коронавирусот. Еден од нив се осврна на подготвеноста за вакцинација. Според одговорите, вкупно 12 проценти од испитаниците изјавуваат дека „најверојатно нема“ или „во никој случај нема“ да се вакцинираат. Повеќе од 69 проценти од нив како причина ги наведуваат можните непознати последици по здравјето.

Слични содржини