Лидерската средба закажана за денеска точно напладне во Клубот на пратениците по форма изгледа како уште еден протоколарен обид за „национален дијалог“, но по содржина отвора прашање дали воопшто може да донесе нешто повеќе од јавно демонстрирање на позициите што веќе одамна се закопани во ровови.
Од високи владини извори дознаваме дека иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски нема амбиција да произведе само формален договор или заклучоци со правна тежина.

Фото: Фејсбук
„Ова не е средба за потпишување документи, туку тест дали воопшто постои минимум политичка зрелост да се разговара за клучните државни теми без ултиматуми“, вели соговорникот.
Владината страна, според истиот извор, сака да испрати порака на стабилност – и кон домашната јавност и кон меѓународните партнери, во момент кога економските индикатори се кревки, а евроинтегративниот процес повторно тапка во место.
На маса, меѓутоа, нема да бидат само темите што ги навел премиерот во поканата.

Фото: Фејсбук
Лидерот на ДУИ Али Ахмети доаѓа со јасно дефинирана агенда: национален договор за прогрес, концептот на „два бадентера“ и евроинтеграциите. Тоа, според владини извори, се доживува како обид средбата да се претвори во платформа за отворање на крупни уставно-политички прашања за кои во моментов не постои ниту политичка, ниту општествена подготвеност за консензус.
Оттаму и ниските очекувања дека овие теми ќе излезат од рамките на принципиелни ставови и познати аргументи.
Слично е и со иницијативата за една изборна единица што ја турка претседателот на Левица, Димитар Апасиев. Иако таа тема со години кружи во јавниот дискурс, извор од владејачката коалиција оценува дека „не постои реална математика“ за нејзино отворање на оваа средба.
„Секој ќе си ја каже позицијата, но тоа е максимумот“, вели соговорникот.

Фото: Фејсбук
Од ЗНАМ, пак, брифингот што го добивме е уште порезервиран. Висок функционер од партијата нагласува дека тие немаат намера да излегуваат надвор од агендата на премиерот.
„За нас ова е разговор за политичка стабилност, економија и институционално функционирање. Сè друго би било импровизација“, наведува изворот, додавајќи дека очекуваат средбата да заврши без драматични пресврти, но и без конкретни договори.

Фото: Фејсбук/СДСМ
Најгласната порака, сепак, доаѓа од отсутниот. Одбивањето на лидерот на СДСМ Венко Филипче да седне на иста маса, со образложение дека „со криминалци не седи“, според дел од владиниот врв се чита како политичка калкулација, а не како принципиелен став.
„Неговото отсуство ја намалува тежината на средбата, но не ја прави ирелевантна“, вели владиниот извор, сугерирајќи дека СДСМ свесно избира дистанца во фаза кога не сака да легитимира процес што не го контролира.
Што, тогаш, реално може да се очекува? Нов пробив, нов договор или нов почеток – сигурно не!
Оваа лидерска средба повеќе личи на политички барометар, односно на обид да се измери колку се длабоки поделбите и дали воопшто постои простор за комуникација без меѓусебни обвинувања.
За Владата, таа е сигнал дека е подготвена да разговара. За опозицијата, можност да ги повтори своите црвени линии. За јавноста, уште еден потсетник дека консензусот во Македонија сè уште е повеќе декларативна отколку практична категорија.
Б.Т.