Кој треба да го избере претседателот – граѓаните или пратениците: „Тие што го кроеја нашиот Устав, немаа многу јасни визии за можните последици од нивните решенија“

од Nikola Popovski
373 прегледи

И додека потенцијалните кандидати за претседател на државата ги собираат потребните потписи, партиите со спротивставени ставови како треба да се гласа за шеф на државата во иднина. Речиси три децении во суверена независна Македонија граѓаните си ги бираа петтемина претседатели на државата. ДУИ очекува поддршка од македонските партии за нивната идеја, претседател на државата да се бира во законодавниот дом со двотретинско мнозинство и со Бадентер. За разлика од нив, двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со контра-став, иако изборот на претседател во Собранието не е новитет во нашата земја. Таков беше случајот со првиот претседател Киро Глигоров.

Популистичка теза или уцена?

Дел од аналитичарите сметаат дека целта на предлогот на ДУИ е улогата на Албанците да биде клучна. Поранешниот дипломат и политички аналитичар, Ристо Никовски оценува тезата е популистичка пред изборите, ама во суштина, е крајно софистицирана.

Ристо Никовски

-Ако се прифати таквото решение ќе значи целосна контрола на изборот за претседател – од страна на Албанците. Ем ќе биде потребно двотретинско, ем т.н. „Бадентерово“ мнозинство во Собранието. Бидејќи, по правило, македонските партии нема да можат да се договорат меѓу себе околу кандидатот, улогата на Албанците ќе биде клучна, посочува Никовски во разговор за „Локално“.

Како што додава, со оглед дека и тоа можеби ќе биде недоволно за да се дојде до две третини од пратениците, можна ќе биде и нова политичка криза, на секои пет години.

-Сепак, да не забораваме дека и со сегашниот модел на потребна излезност во вториот круг, лесно може постојано да се наоѓаме во истата ситуација – изборот да зависи од Албанците. Тие што го кроеја нашиот Устав, немаа многу јасни визии за можните последици од нивните решенија, истакнува аналитичарот.

Во однос на тоа дали ова може да биде клучен предуслов за идните коалиции при формирање влада, Никовски смета дека „оваа уцена нема да биде доминантна во следните коалиции, по овие избори, ама албанските политичари во земјава нема лесно да се откажат од својот плен“. Тврди дека ќе уценуваат без крај, додека не успеат.

-Искуството нѐ учи дека нашите „брилијантни“ политичари, без исклучок, постојано попуштаат пред бескрупулозните уцени на Албанците, само за да ја добијат или задржат власта. Затоа сме на ова дереџе, дециден е соговорникот.

„Албанецот го издигнуваат на ниво на професија или занимање, а не припадник на етничка заедница“

Поранешниот претседател на Собранието и поранешен претседателски кандидат, Тито Петковски вели дека не се согласува со, како што вели, штетната политичка кампања што ја водат раководствата на некои политички партии, пред се на ДУИ.

Тито Петковски

-До толку да се немало осет за времето во кое живееме и милтиетничкио карактер на нашето општество. Само гол национализам, етноцентризам и популизам во борбата за власт, без трунка инвентивност и креативност што ги налага современието. При тоа,забораваат за чувствата и потребите на припадниците на другите етнички заедници,со кои што живеат во македонското општество. Турците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците и останатите кои живеат во Македонија се само гола бројка и не потребен баласт. Освен тоа, Албанецот го издигнуваат на ниво на професија или занимање, а не припадник на етничка заедница, рамноправен со припадниците на останатите етнички заедници, објави Петковски.

Како што додава, „за нив квалитетот, компетентноста, стручноста и мерит системот немаат никакво значење“.

-И што е најстрашно, го менуваат унитарниот карактер на македонската држава во бинационален,како држава само на Македонците и Албанците. Крајно опасна теза,колку и да имам разбирање дека сето ова ова се случува пред избори, кога се газат сите демократски принципи и правила, за да се победи на избори. Како резултат на една таква неодговорна политика е покачување на етничките тензии и продлабочување на јазот на меѓусебна доверба, го образложува Петковски својот став.

Според него, „треба да оставиме времето да ги исфрли на површина вистинските вредности на луѓето кои како граѓани се кандидираат за определени функции, независно од нивната етничката припадност“.

-Та нели, сите ние, пред се и по правило сме луѓе, а сосема случајно припадници на некои етнички или верски заедниц, заклучува поранешниот собраниски спикер.

Вила Водно

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека предлогот на ДУИ за бирање на претседател во Собранието е поради отсуство на други идеи и корисни проекти. Според него, ова е лесен дефокус за градење на тема, која ќе биде искористена во изборната кампањата.

-Јас мислам дека треба да се игнорира. Прво, не се фактор за да градат ваква тема и мислам дека не треба да се фаќаме како јавност на јадицата. Второт, дури и самата дрскост за такво нешто и тоа да се поврзе со уцена, претставува недржавен чин за партија која што сака да се претстави како државотворна и која 22 години е дел од власт, кажа Мицкоски при посетата на општина Гази Баба.

-Можевме и ние како раководство да излеземе со уцена на изборите во 2019 година меѓу двата круга, но не го направивме затоа што на политичката сцена постои ВМРО-ДПМНЕ и сите останати. Ова е обичен дефокус од политичари кои не се фактор и кои за брзо ќе бидат пратени во политичка пензија, додаде Мицкоски.

Со сличен став се и од движењето ЗНАМ на кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски. Според нив, доколку изборот за претседател на државата се сведе на избор во Собранието, тоа ќе значи дерогирање на уставната позиција.

-Претседателот на државата интегритетот и легитимитетот ги црпи на директни избори од граѓаните и тоа тежи многу повеќе, отколку да се сведе на избор во Парламент од страна на претставници на граѓаните. Тоа ќе биде легитимитет кој се црпи посредно. Ние сметаме дека претседателот треба да го зголеми и да го зачува својот уставен капацитет и да го црпи легитимитетот директно од граѓаните, бидејќи уставните ингеренции на претседателот не се мали. Тој е врховен командант, претседател на Советот за безбедност, а многу сериозни ингеренции има и во областа на уставно загарантираните човекови права и слободи, изјави синоќа потпреседателката на ЗНАМ, Весна Бендевска.

Н.П.

Слични содржини