Колку ќе живеете, зависи и од кој дел од ЕУ сте (ФОТО)

од Vladimir Zorba

Ако имате 65 години, уште колку долго ќе живеете зависи од тоа дали живеете во Источна или Западна Европа, покажа новиот извештај на европската статистичка агенција Евростат. Во просек, 65-годишниците во ЕУ можат да очекуваат да живеат уште дваесет години.

Луѓето кои живеат во северна Шпанија, западна и јужна Франција и северните и централните делови на Италија, како и во северозападна Грција, можат да се надеваат дека ќе живеат малку подолго – во просек 23 години.

Истражувањето покажа дека во 2018 година се очекувало 65-годишни луѓе кои живеат во околината на Мадрид да живеат уште 23,2 години, додека нивните врсници во околината на Париз, т.н. „Ил де Франс“, да живеат уште 23 години.

Наспроти тоа, 65-годишниците кои живеат во источниот дел на ЕУ и на Балтикот можат да се надеваат дека ќе живеат уште 15 години. Најлоши во таа пресметка се жителите на Бугарија, каде се очекува да живеат уште 15,7 години.

Кога станува збор за новороденчињата, во 2018 година, од нив се очекува да живеат 81 година. Оваа бројка е поголема за 5,5 години кај жените (83,7 години) отколку кај мажите (78,2 години).

Исто така, жените родени во Шпанија или Франција ќе живеат подолго од жените од Источна Европа, додека мажите се најдолговечни во северна и централна Италија. Во провинцијата Тренто просечниот животен век на мажите е 82,7 години.

Слични содржини