Командант на КФОР: Подготвени сме да одговориме на секоја закана

од Radmila Tasevska

Командантот на КФОР Озкан Улуташ денеска изјави дека трупите на НАТО ги презеле неопходните мерки за да одговорат на секое можно насилство и закани.

Тој во интервју за РТК вели дека решавањето на проблемите во односите меѓу Косово и Србија треба да се прави по дипломатски пат, притоа давајќи приоритет на дијалогот.

– Мандатот на КФОР е јасен, да одржува мирна и безбедна средина во Косово, за сите негови луѓе, без разлика од каде доаѓа заканата. Дозволете ми да ве уверам дека ќе продолжиме со нашите напори да спречиме ескалација и сме подготвени да одговориме на секој предизвик, изјави тој.

Командантот на КФОР истакна дека тензиите во регионот се зголемени по насилниот инцидент на 24 септември и неприфатливите напади врз војниците на КФОР во мај.

– Како резултат на тоа, НАТО распореди дополнителни резервни сили со комплементарни способности. Сега одржуваме повеќе активности. Го зголемивме нашето присуство на северот на Косово и тројно го зголемивме бројот на патроли, вклучително и долж административно-граничната линија. Нашата цел е да спречиме ескалација, но во случај на ескалација, ние сме подготвени и опремени да ги преземеме сите неопходни мерки за да го исполниме нашиот мандат, рече Улаташ.

Слични содржини