Контраспин: Колегиумот на МТВ1 има проблем со новата реалност

од Vladimir Zorba

Ако се анализира соопштението на Колегиумот на МТВ1, ќе се види дека не станува збор за непрофесионален однос на Аргирова или на Информативната програма, туку станува збор за несогласување со новата реалност – тоа што на Јавниот сервис се емитуваат работи надвор од контролата на Цветковски и Ратајкоски

Untitled-final-OK[1]

Пишува: Теофил Блажевски

 

По интервјуто на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, во централниот дневник на МРТ на 19.09.2016, вчера од медиумите јавноста беше запозната со две соопштенија – едно во етер и едно на сајтот. Во првото, во етер, се пласира извинување до јавноста, до Јанева и до СЈО, за тоа што целиот немонтиран материјал бил даден на друг медиум. Во она на сајтот, Колегиумoт бара извинување од Информативната програма:

Спин: А кога сме кај извинувањата сметаме дека токму главното извинување треба да дојде од другата страна, Информативната програма, која што во максимално непрофесионален процес го продуцираше истото и емитуваше без согласност и увид на Главниот и одговорен уредник и програмскиот Колегиум на МТВ1, извинување кое треба да биде упатено, не само кон Специјалното јавно обвинителство туку и кон колегите од Информативната програма и целокупниот новинарски тим од МТВ1. 

[Извор: МРТ-веб страница, Датум: 20.09.2016]

 Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Мошне чудни – за пошироката јавност – се официјалните тврдења на дел од врвот на Македонската телевизија во врска со случајот „интервју со Катица Јанева“, но во суштина не се ништо друго, туку извртување на вистината или спин.

Станува збор за две соопштенија од тој медиум. Едно за во етер, беше емитувано во истиот термин во кој беше емитувано една вечер претходно и тоа кратко извинување се однесуваше до јавноста, до обвинителката Јанева и до Специјалното обвинителство, за непријатностите што произлегле поради одлевањето на немонтираниот материјал од интервјуто со Јанева. Тоа извинување, иако не беше насловено од кого е, можеме да го разбереме како извинување од Информативната програма на МТВ, а со тоа и од цела МРТ.

Но, наместо да остане на тоа и да се заврши работата со пронаоѓање на тој што ги доставил материјалите до редакцијата на друг медиум, вчера вечер (20.09.2016), МРТ излезе сосоопштение на својот веб сајт потпишано од „Програмскиот колегиум на Првиот програмски сервис на МТВ“.

Соопштението, практично е кавга со уредникот на срцето на МТВ 1 – Информативната програма, а тоа е колешката Санта Аргирова. Во соопштението Аргирова се обвинува дека се што направила во врска со тоа интервју, направила без дозвола и консултација со „одговорниот уредник“, а тоа е Диме Ратајкоски и со Колегиумот на Првиот програмски сервис.

 

АВТОНОМИЈАТА НА АРГИРОВА СЕ ПОДРАЗБИРА

Колешката Аргирова е именувана на таа позиција после политички договор меѓи четирите најголеми политички партии во земјата, постигнат на крајот од јули годинава, а како едно од мерките за обезбедување услови за фер и демократски избори. Според тоа, автономијата на Аргирова е неприкосновена сама по себе, ем како уредник на една од најзначајните редакции на јавниот сервис, но дополнително треба да се подразбира и од начинот и целите поради кои што Аргирова дојде во МТВ.

Изборот на нејзиното име од страна на главната опозициска партија е поради нејзиното огромно новинарско искуство токму во телевизиските медиуми, од кои најдолго во МТВ, но, секако, и поради нејзиниот професионален хабитус, т.е. квалитетот и неизвалканото професионално минато.

Оттука, сосема е јасно дека Аргирова има автономно право да ја уредува содржината на Информативната програма на МТВ додека траат изборите, што не мора да значи и нарушување на вообичаената хиерахиска поставеност – да му реферира на Ратајкоски и на Програмскиот колегиум, да се консултира, но никако и да бара дозвола од нив.

Се разбира, токму Аргирова, а посредно и СДСМ ќе одговараат ако дојде до дисбаланс во информирањето и нарушување на професионалните стандарди во однос на претставувањето на политичките актери или, пак, на други настани поврзани со политиката. Тоа, пак, исто така според политичкиот договор, ќе го цени ад-хок телото при Агенцијата за медиуми, мониторингот што го врши самата Агенција, а за потврда или негација ќе послужат и други мониторинзи кои се во тек или ќе почнат да се спроведуваат.

Впрочем, реченицата во соопштението: „Иако одговорниот уредник, пред една недела беше известен дека постои желба да се направи интервју со г-ѓата Јанева, сепак уредничката Аргирова сосема недоследно и без одобрение на Колегиумот на Првиот програмски сервис, на своја рака го продуцираше интервјуто и без консултација со Колегиумот го емитуваше истото…“ – го наметнува прашањето дали одговорниот уредник (Ратајкоски) постапил или не постапил по „желбата да се направи интервју со г-ѓата Јанева, иако бил известен пред една недела“.

 

КОЛЕГИУМОТ ДА Ѝ ПОСТАВЕЛ ПРАШАЊА НА ЈАНЕВА!?

Второ, Програмскиот колегиум, т.е. Ратајкоски, треба да ѝ појасни на јавноста, дали тој колегиум се занимава со содржината на секој Дневник и тоа во детали – дали Колегиумот мора да знае и да одобри сè што ќе се сними и емитува во Дневникот на МТВ? Секако дека тоа не е случај и тоа е смешно, особено оваа реченица во соопштението:

Се разбира и уредничкиот Колегиум на МТВ1 имаше прашања кои сакаше да ги постави до обвинителката Катица Јанева, но завршеното инкогнито интервју не претече сите

Од кога тоа Колегиумот поставува прашања до соговорниците на Информативната програма?

Конечно, на крајот од сооопштението е содржан главниот спин – Колегиумот смета и бара од Информативната програма извинување до сите, вклучувајќи ги и колегите од Информативната програма(!?) затоа што Информативната програма „во максимално непрофесионален процес го продуцираше истото и емитуваше без согласност и увид на Главниот и одговорен уредник и програмскиот Колегиум на МТВ1“.

Овој дел од соопштението го изразува спинот во целото соопштение и укажува на главниот проблем. Имено, ако се чита прецизно, произлегува дека Програмскиот колегиум има проблем со целата Информативна програма која „продуцира и емитува без согласност и увид на Главниот уредник (Директорот на МРТ Марјан Цветковски) и програмскиот колегиум на МТВ1 (читај, Диме Ратајкоски).

Во тоа е извртувањето на вистината. Санта Аргирова, чија автономност во работењето треба да се подразбира и да не е именувана после политички договор на четири најголеми партии во земјата, сега е непрофесионална ако се емитува нешто што не е по ќеф на Цветковски и Ратајкоски, чија, пак, блискост кон владејачката ВМРО ДПМНЕ, не е дискутабилна ниту за пошироката јавност.

Оттука, не станува збор за непрофесионален однос на Аргирова или на Информативната програма, туку станува збор за несогласување со новата реалност – дека на Јавниот сервис се емитуваат работи надвор од контролата на споменатите двајца раководители.

Впрочем, ќе го повториме фактот дека, барем откако започна со сериозна работа Специјалното јавно обвинителство, некаде од декември 2015, година, Главната обвинителка немала ниту едно интервју за МТВ, што го проверивме и на сајтот на МРТ.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка наамериканската непрофитна фондација (NEDNational Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

loading...

Слични содржини