Изминативе денови е забележан пораст на нови случаи со Ковид 19 во земјава.
Вчера беа регистрирани се 191 нови случаи, а пчинаа три лица. За да не дојде до голем раст на бројот на заболени со коронавирусот, Комисијата за заразни болести предложи до владата одредени мерки.
Владата на вчерашната седница ги прифатила предложените мерки во кои се предвидуваат забрана за гостување на пејачи и диџеи во сите угостителски објекти, ограничување на јачината на музиката до 55 децибели и намалување на бројот на лица кои може да седат на една маса во угостителски објект од сегашните 12 на 4.
„Повеќе нема да има гостување на пејачи и диџеи во угостителските објекти. Потсетуваме повторно дека дискотеките и ноќните клубови немаа, односно во ниту еден момент не добија дозвола за работа. Понатаму се намалува дозволената јачина на звукот на 55 децибели за да се одржи препорачаната дистанца и се намалува бројот на лица коишто седат на една маса од 12 на 4 лица”, изајви министерот за здравство Венко Филипче.
Тој додаде дека зголемениот притисок или мини бран е очекуван и го најавувале како есенски бран по завршување на годишните одмори. Филипче информираше дека има зголемување на бројот на случаи во сите возрасни групи над 20 години, нема зголемување на бројот на случаи во групите од 10 до 20 и под 10 години. Тука е иста бројката. Најголем раст, 50 проценти, има во возрасната група од 20 до 30 години и нешто помал кај возрасната група од 50 до 60 години.
Како една од можните мерки во наредниот период тој спомена ограничување на работа на одредени економски субјекти и на бројот на луѓе во јавниот превоз, како и мерката за носење маски на отворено. Според него, за ваквите и за други мерки би размислувале во подоцнежните есенски месеци, кога се очекува и појава на сезонскиот грип, настинки поради студеното време, како и зголемена загаденост на воздухот.
ИМА СЛОБОДНИ БОЛНИЧКИ КРЕВЕТИ
Според него состојбата во болницните е добра и има слободни болнички кревети.
– Притисокот врз болничките капацитети е намален во инфемктивните одделинија низ државата, освен во Скопје каде до пред некоја недела се препраќаа сите пациенти, изјави Филипче.
Но, и на скопските клиники, како што рече, капацитетите не биле преполни во ниту еден момент и нагласи дека околу 25 отсто од новозаболени лица со ковид-19 се асимптоматски.
– Мнозинството на пациенти е со лесна клиничка слика, а хоспитализирани се отприлика 15 отсто од дијагностицираните случаи“, додаде првиот човек на македонското здравство.
РЕАКЦИЈА НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ
По објавата на новите мерки следеа и реакции на граѓаните.
„Сите овие препораки од Комисијата не треба да одат со некакви законски измени? Со оглед дека не сме во вонредна состојба и имаме “функционално“ собрание!… Не треба да забранувате, треба да казнувате, тоа што е забрането ги привлекува луѓето…. Немавме преоптеретеност на здравствениот систем, во секое време имаше слободен кревет за хоспитализација, но изгледа дека луѓето премногу се опуштија и доколку сега и Вие не донесете построги мерки или поголема соработка со институциите кои треба да казнуваат, овој пат колапс на здравствениот систем не ни бега“….се дел ос коментарите кои беа напишани на социјалните мрежи.
Покрај граѓаните реагираа и музичарите:
Фејсбук статус на Петар Младеновски – Суперхикс:
„Концерти? Имало концерти? Тие се главните “кластери”?? Јас тие што знам дека се одржаа, се одржаа по протокол ..имаше и такви кои (селективно) никој не ги надгледуваше ниту казнуваше. “Концертите” во ЈСП исто ќе бидат забранети? “Јавните настани” зад “порти” како свадби, сунети, крштевки, веридби, семејни прослави исто ќе бидат “забранети”? Собиранките на по 200,300 млади по јавни површини исто ќе ги “забраните”? Имате макар мааалку податоци или анализа каде се создаваат и како кластерите? А бре, Републико Селектодонијо неспособна една… Немате ниту компас на каде терате ниту знаете како да се “одбраниме”. Импровизација на повеќе нивоа.“
Фејсбук статус на Валентино Скендеровски:
„Во светов, за нормална гласност на говор, се смета звучен притисок од околу 60 до 65 децибели. Кај нас тоа автоматски е 70. У кафана може да достигне и накај 75. Говор луѓе… за гласност на човечки говор зборуваме.
Ако некој се накашла гласно, ќе отиде и накај 90. Ако на некоја маса некој каже виц, на што четворица ќе се насмеат, тоа веќе оди до добри 90 децибели, па и до 100. Едноставно е, на Google Play Store, или на Apple App Store, впишете во полето за пребарување “Decibel Meter”, инсталирајте го и еве накашлајте се, или пробајте да разговарате со некого дома, за да го видите резултатот.Па секој може да го провери тоа, стварно не разбирам како тоа ќе казнувате за 55 децибели!? :))))))“
ВО УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈКЕТИ, СЕ ПРАВАТ СВАДБИ, НЕ СЕ ПОЧИТУВААТ ПРОТОКОЛИТЕ
Најмалку 16 пријави, кривични или прекршочни со платни налози, ќе поднесе Пазарниот инспекторат против угостителски објекти во Скопје, Тетово и во Струмица, откако при инспекциите во изминатата ноќ се утврдени прекршувања на протоколите и мерките за заштита од Ковид-19, како и пречекорување на работното време, изјави директорт на пазарниот инспекторат Стојко Пауновски.
И покрај забраната за организирање затекнати се свадбени церемонии во седум објекти, направени се записници и во наредните три дена ќе бидат преземени мерки за проднесување кривични пријави. Конкретно, казнети ќе бидат ресторан во Струга за организирање две свадби и на долниот и на горниот кат, еден од Струмица, а ќе има санкции и за две свадби во угостителски објекти затекнати во Тетово и за четири во Скопје.
Пауновски меѓу примерите за непочитување на мерките, раскажа дека и покрај тоа што инспекторите синоќа во еден скопски бар го предупредиле газдата дека треба да ги размести масите, откако тие си заминале таму повторно имало по седум осум лица на маса. Ја известиле и полицијата која потоа интервенирала, а против локалот ќе има кривична пријава. Кривична пријава повторно ќе заработи и дискотека во Струмица, каде синоќа исто така имало забава и е направен записник.
Двесет инспекциски екипи вчера вршеле контроли низ целата држава и како што вели Пауновски, некаде се почитуваат протоколите, некаде има мали отстапувања и тие случаи поминуават со опомени.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 18790, бројката на оздравени пациенти е 15341, на починати е 756, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2693.