На лекар од австриската провинција Штаерска му се заканува забрана за работа поради тривијализација на коронавирусот.
Тој во телевизиско интервју изјавил дека коронавирусот не е ништо полош од нормалниот, сезонски грип.
„Тоа е нормален, поблаг бран на грип, кој е „надуен“. Штетата направена преку стравот и осаменоста, пред сè кај постарите лица, е целосно несоодветна. Направена е колатерална штета во економијата “,рече лекарот, на кој сега му се закануваат последици.
Во интервјуто, тој понатаму тврди дека ставот на австриската влада е „тоталитарен и фашистички“, по што добил писмо од Медицинската комора, пишува „Клајне цајтунг“.
Во писмото на Комората, лекарот се повикува да се појави пред Советот на честа, пред кој ќе биде проверен за да се види дали може да продолжи да ја извршува својата работа.
Според Лекарската комора, тој повикал на граѓанска непослушност и, исто така, повикал на прекин на мерките воведени поради ширењето на вирусот.
„Во интервјуто, вие ја негирате исправноста на информациите за коронавирусот“, се вели во писмото, пренесува Танјуг.
Лекарот го изрази своето незадоволство од однесувањето на Лекарската комора, пред сè, затоа што пред писмото никој не разговарал со него.
„Немаше дијалог, само писмо, со кое се закануваат на мојата егзистенција“, истакна тој.
Советот на честа може да даде препорака до Комората да го отстрани лекарот од списокот на лекари, што би значело исто како и забрана за работа.