Коронавирусот влезе во уште едно училиште од Скопје, цела паралелка е во изолација

од Nikola Popovski
760 прегледи

Регистриран нов случај на Ковид-19 меѓу децата во скопските основни училишта. Цела паралелка од осмо одделение во училиштето „Љубен Лапе“ во Аеродром од денеска е во изолација поради ученик кој добил позитивен резултат на коронавирус, а вчера бил на настава.

Учениците ќе останат дома во следните две недели.

Освен за одделението од „Љубен Лапе“, од Министерството за здравство велат дека епидемиолозите прават анкети и во други училишта каде што ученици при влезот имале покачена телесна температура.

Покрај ова училиште, беше објавено дека коронавирусот влегол и во две паралелки во две различни основни училишта.

Ученичка од петто одделение вчера добила позитивен тест на Ковид-19, од основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“, во скопски Аеродром.

-Детето е од повисоките одделенија, не е прваче. Службата се обидува да стапи во контакт со епидемиолозите кои се задолжени за нашата општина и ги чекаме препораките, изјави директорот на училиштето, Марјан Јовановски во изјава за ТВ Сител.

Според епидемиолошката анкета, целото одделение ќе оди во изолација во наредните 14 дена. Наставничката која им предавала е вакцинирана, па така ќе продолжи со онлајн наставата.

Исто така беше објавено дека во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, две дечиња од ист клас добиле симптоми на Ковид-19, при што едното веќе има позитивен тест. Поради тоа, сите останати ученици ќе одат во изолација.

Слични содржини