Најпознатиот медицински техничар Денис Јанкуловски или попознат на социјалните мрежи како космонаутко на својот Фејсбук профил, го опиша своето искуство откако започна да работи во вакциналниот пункт во арената „Борис Трајковски“.
-За неколку дена веќе 2 месеци како сум вклучен во вакцинацијата, вториот дел од мојот придонес во конечното бркање на вештерката од овие простори. Или почетокот на нејзинот крај.
Чест ми е што сум дел од вакциналниот пункт, што сум во друштво на прекрасни колеги, на студентите од медицина, стоматологија и фармација и младинците од Црвен крст кои се вредни како мравки, што секојдневно со насмевка си посакуваме добро утро со припадниците на АРМ и МВР кои беспрекорно си ја вршат работата. Но и сите други кои се дел од оваа приказна. Едноставно кажано со сите нив работата е „песна лета“ .
Многу убави луѓе, мили и драги, познати и непознати дојдени на вакцинација, многу насмевки, многу нови познанства, многу заеднички сликања и многу срамежливи „може едно селфи“ и ниедно одбиено . Многу слики кои ќе останат како вечен спомен.
Се надевам, најискрено се надевам дека најбрзо што може ќе почне вакцинација неповрзана со возраст или било кој друг критериум. Едноставно посакувам да бидат вакцинирани сите кои треба но и кои сакаат да бидат вакцинирани бидејќи што побрза и помасовна вакцинација значи многу побрзо излегување од оваа предолга тешка, мачна и луда состојба. Еве се најавува олеснување на мерките. Само би порачал внимателноста, претпазливоста сепак да останат и понатаму на највисоко ниво за овие мерки да имаат ефект. Да се релаксираме но да не се опуштаме премногу, сепак не е се готово или Its not over `till lady vaccine sings.
Сакам сите вас вољни за вакцина да ве видам во пунктот во Борис, Јане, Чаир, Охрид, Тетово, Штип. Појдете, бидете сигурни дека тој е начинот за да се заштитиме себеси но и сите оние кои ни се драги. Животот таков ни дојде да зависиме од хемија. Факт е дека најдобра заштита е здрав начин на живот, исхрана, природа, чист воздух, но одамна некако тоа го немаме, па мора нашите кревки организми да ги заштитиме.
Вакцинирај се. Заштити се и заштити ги другите. За што побрзо да ги снема овие статистики а особено оние најболни бројки.Но и да им оддадеме почит на оние кои во овие 15-16 месеци ги загубивме заради вештеркава. Нив речиси 5400 наши сограѓани, роднини, пријатели и комшии вечно да ги памтиме.Гуш и бац од сестра Космонаутко, напиша Јанкуловски.