Kоснет: Добро е таксата да се суспендира, но САД не му поставуваат ултиматум на Косово

од desk4
128 прегледи

Амбасадорот на САД во Косово, Филип Коснет и натаму бара од Владата на Рамуш Харадинај да ја укине привремено такста од 100 отсто на увозот од Србија и од Босна и Херцеговина, но вели дека Вашингтон не поставил никаков ултиматум, јави дописникот на МИА од Приштина.

Коснет во интервју за телевизијата КТВ синоќа изјави дека нема намера „да ѝ диктира на Владата на Косово што да работи“, но смета дека повлекувањето на одлуката за таксата ќе придонесе за унапредување на преговорите меѓу Приштина и Белград за решавање на споровите.

– Ние сме се воздржале од поставување некаков ултиматум, не сакаме да ѝ диктираме на косовската Влада што да работи. Ние длабоко веруваме дека суспендирањето на таксата, што поскоро е можно, ќе помогне во унапредувањето на процесот на преговори, изјави Коснет.

Американскиот амбасадор ги негира и информациите во одредени приштински медиуми дека САД ќе воведат санкции кон Косово, доколку не се испочитува нивното барање за укинување на таксата.

Тој исто така појасни дека Вашингтон бара привремено суспендирање на таксата на определено време, за да се даде шанса на продолжувањето на дијалогот со Србија, што, како што рече, е во интерес и на Косово и на Србија, но и на САД.

Коснет вчера на оваа тема оствари средба со водачите на највисоките косовски институции, претседателот на државата Хашим Тачи, собранискиот спикер Кадри Весели и премиерот Рамуш Харадинај, меѓутоа немаше никакви конкретни информации за евентуален резултат од средбата.

Тачи и Весели подоцна изјавија дека партнерството со САД е од највисок стратешки интерес за Косово и оти барањата на Вашингтон треба да се исполнат, додека Харадинај остана на ставот дека таксата нема врска со САД и е воведена со цел да се натера Србија да го смени односот кон косовската држава.

– Таксата ќе се укине кога Србија ќе го признае Косово, повтори Харадинај, не исклучувајќи ја можноста неговата Влада да падне, доколку продолжат недоразбирањата на таа тема внатре во владејачката коалиција.

Слични содржини