Косово купува ракети „џавелин“ од САД: Дали тоа придонесува за поголема стабилност во регионот или е дополнителен чекор на тензии и нестабилност?

од Nikola Popovski
319 прегледи

Косово на големо се вооружува. Американскиот Стејт департмент одобри потенцијална продажба на официјална Приштина на 246 ракети „џавелин“ за проценета вредност од 75 милиони долари, објави Пентагон. Оценуваат дека предложената продажба ќе го подобри долгорочниот капацитет на Косово да го брани својот суверенитет и територијален интегритет. – Ракетите „Џавелин“ покажаа ефикасност во Украина, па дури и порано, и ги покриваат нашите потреби да бидеме подготвени да ја браниме нашата земја“, изјави косовскиот министер за одбрана Ејуп Маќедонци. Тој рече и дека Косово ќе биде подготвено да одговори на секој што го загрозува неговиот суверенитет, но и подготвено да придонесе за светскиот мир како дел од заедничките меѓународни операции.

Веста за ова е „големо разочарување“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со американскиот амбасадор Кристофер Хил во Белград. Хил официјално го информираше Вучиќ дека барањето за Косово одобрено од Белата куќа е проследено до Конгресот.

Што значи за регионот, но и пошироко?

Генералот-потполковник и поранешен началник на ГШ на АРМ, Горан Котески во разговор за „Локално“ вели дека Косовските безбедносни сили (КБС) и во досегашниот период се опремувале и набавувале ново вооружување од неколку земји така што и набавката на современите противоклопни ракети Џевелин од американско производство не е ништо ново. Според него, овие противоклопни ракети имаат успешно дејство на 2,5-3 километри и пробиваат оклоп од 700 милиметри, а се покажаа многу ефикасни во војната во Украина.

Горан Котески

-Имаќи предвид дека безбедносната состојба помеѓу Србија и Косово е сложена, особено ако се земат во предвид последните случувања, Република Србија забрзано се вооружува и опремува и е на 56-то место спрема последните проценки(GPF), така и Република Косово ги модернизира КБС настојуваќи до 2028 година да се трансформира во војска на Косово со околу 5.500 припадници, посочува Котески.

Поранешниот началник на ГШ го поставува прашањето дали моментот на набавката или продажбата на ова вооружување во вредност од 75 милиони долари е соодветен и дали тоа придонесува  за поголема стабилност во регионот или е дополнителен чекор на тензии и нестабилност.

Котески е дециден дека на воената индустрија и е најважно да профитира од продажба на оружје и друга борбена техника без разлика дали е тоа „оружје за војна“ или „оружје за мир“.

-Од геополитички аспект продажбата односно набавката на ова вооружување е од превентивен карактер, имајќи ја при тоа во предвид зголемената потреба и побарувачка за ново софистицирано оружје кое е неопходно во водењето на воените операции, што особено се покажа во Украина, укажува соговорникот.

Во однос на нашата положба во оваа ситуација, генерал Котески вели дека земајќи ги предвид сите околности, во евентуален конфликт во соседството, Македонија би се нашла во сложена безбедносна ситуација.

-Во тој случај Македонија мора да се однесува како НАТО членка применувајќи ги безбедносните и одбранбени механизми на НАТО алијансата и со својот однос треба да придонесе до поголема  регионална стабилност, оценува поранешниот началник.

 

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ тврди дека со ова не се испраќа порака до Србија, туку дека е дел од долгорочната цел да се помогне за независноста на Косово, која почна да се спроведува во 1990-тите. Дачиќ смета дека е крајно време Србија да одлучи дали Косово е нејзино национално прашање или не. Тој заклучил дека Србија нема намера да води војна, но ако сака – „Ни еден милион “џавелини” не би му помогнале на Косово“, пренесува “N1”.

Според „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, ваквиот потег на Косово ја налути српската влада. Весникот пишува дека огромното мнозинство од населението на Косово со години е за влез во НАТО. Во исто време, се потсетува, „дека државноста на Косово не ја признаваат сите членки на Алијансата, вклучително и Шпанија и Романија“. Србија, која не го признава отцепувањето на Косово и која официјално продолжува да ја смета таа земја како нејзина привремено отцепена покраина, се надева дека ќе може трајно да го стави под своја контрола барем северот на Косово населен со Срби.

-Како одговор, „соседите сега исто така ги зајакнуваат своите воени капацитети“. Косово, една од економски најслабите земји во Европа, оваа година планира да потроши повеќе од 200 милиони евра за одбрана. Неодамна, таа земја набави, меѓу другото, беспилотни летала Бајрактар ​​од Турција. Косовскиот премиер Албин Курти се пофали дека го удвоил буџетот за одбрана во првите две години од својот мандат, наведува германскиот весник.

Н.П.

Слични содржини