Косово – одгледувачница на џихадизам?

од desk3
115 прегледи

 

Сиромаштијата, невработеноста и чувството за безперспективност ги тераат повеќето луѓе во Косово да се свртат кон радикалниот ислам. Ова го покажува и случајот со двајцата браќа, осомничени за подготовка на напад во Германија-пишува DW.

Населението на Косово е околу два милиони луѓе. Од 2012 година наваму 316 Косовци ја напуштиле земјата, за да се приклучат на “Исламска држава” (ИД). Вклучувајќи жени и деца. Во меѓувреме 58 од нив се убиени, а 117 се вратиле назад во Косово, вели портпаролот на Министерството за внатрешни работи Баки Келани. Вкупно 237 лица се под истрага за учество во терористички активности, вклучувајќи надвор од Косово, за врбување на борци, финансирање и поддршка на тероризмот. Од 2013 година наваму биле уапсени 127 лица, меѓу кои е можно да има и водечки фигури.

Замена на идентитетот
Нема сомнение дека радикалниот ислам станува сериозен проблем за населеното претежно со муслимани Косово, а косовските власти не се во можност да ја совладаат ситуацијата – иако имаа цврста меѓународна поддршка кои ја добиваат. Зад овие бројки се кријат огромните јавни проблеми: сиромаштија, 40% невработеност и безперспективност. Кон тоа се додава и растечката фрустрација, што доведува до обраќање на многу луѓе кон радикална интерпретација на исламот, како никогаш порано.

Според експерти за безбедност, до 50 илјади Косовци денес го исповедаат конзервативниот ислам. Поголемиот дел од населението се муслимани – Албанци, Роми, Турци, Бошњаци. Денес на улиците на главниот град Приштина, како и во многу други градови во покраината, се гледаат се повеќе девојки и жени со шамии – нешто што само до пред 15 години беше апсолутно исклучок. Дури и целосно забулени жени веќе не се ретка глетка на улиците што покажува дека традиционалниот, либерален ислам од отоманско време, за кој се карактеристични мистиката и суфизмот, веќе попушта пред построгите религиозни норми, кои навлегуваат на Балканот од Саудиска Арабија.

Во летото 2016 година, Институтот за политички истражувања KIPRED објави студија за влијанието на религијата врз косовски идентитет. Според авторот на студијата Лулцим Пеци, 57 проценти од Албанците-муслимани се идентификуваат прво како Албанци, а 32 проценти се дефинираат прво како муслимани и потоа како Албанци. “Кај овие луѓе гледаме силно поместување на идентитетот од лингвистичка-етничка припадност (т.н.. Јазична нација) кон религиозно-етничко општество”, вели тој за ДВ. Според политикологот, ако овој процес продолжи да се развива, тоа ќе значи крај на албанската припадност – каква што ја познаваме денес. Полошо дури – тоа ќе биде крај на секуларизмот и прозападно Косово.
Туѓото влијание

Исламизацијата на Албанците започна по завршувањето на војната во Косово. Саудиска Арабија, Кувајт и други исламски држави инвестираа масивно во обновата и изградбата на нови џамии, испраќаа проповедници во Косово и ги поддржуваа финансиски муслиманите. Денес во Косово има 742 џамии. Има и други верски објекти, како што се училишта за изучување на Куранот.

Но заедно со парите во земјата влезе и еден друг ислам. Политикологот Агон Демјаха кој учествувал во истражувањето на KIPRED, вели дека политичарите и партиите во Косово долго време се однесувале рамнодушно и нерешително кон овој феномен. Социологот Смајл Хасани пак смета дека и образовниот систем има вина за овој развој, бидејќи не прави ништо за да го врзе косовската идентитет со еден толерантен, мултирелигиозен идентитет.

Претставниците на исламската заедница ги отфрлаат овие обвинувања. Теологот Беса Исмаили вели дека ниту еден од Косоварите од нејзината заедница не се приклучил кон терористичките милиции на ИД. Таа тврди дека војната во името на религијата е неправилна, а исто така и дека таа идеологија никогаш не била распространета меѓу Албанците. “Теророт нема никаква врска со верата. Меѓу вистински верниците нема екстремисти. Верата не е насилство, туку љубов”, вели Исмаили.

Важната улога на Германија


И покрај сите напори за подигање на свеста на граѓаните, ситуацијата останува тешка во косовското општество. Директорот на Центарот за безбедносни студии во Косово Флориан Квехаја ги гледа причините за ваквиот развој во катастрофалната економска состојба и слабите државни структури. Младите не гледаат перспектива и се чувствуваат изолирани во Европа. Затоа тие бараат други патишта. Според Квехаја, исламизацијата може да биде запрена само со сеопфатна стратегија, која ќе ги опфаќа образованието на младите, изборот на имами, медиумите и архитектурата на безбедноста во земјата. Покрај тоа Косово треба да соработува подобро со соседните земји, Македонија и Албанија, на пример, и има потреба од повеќе меѓународна поддршка – првенствено од САД и ЕУ, бидејќи овие земји имаат добар углед во Косово.

Германија учествува во Косово со воената мисија од 700 војници во составот на силите на КФОР на ОН, како и со свои полицајци и експерти од мисијата на ЕУ, ЕУЛЕКС – за поддршка на правната држава. Германија е тесно поврзана со Косово и поради големиот број мигранти од Косово – 400 илјади Косовци живеат во Германија. Атентаторот кој го застрела двајца американски војници на аеродромот во Франкфурт во 2011 година, беше дете на албански мигранти. А приведувањето на двајцата браќа-Косовци осомничени за подготовка на терористички напад во трговски центар во Оберхаузен, покажува каков голем проблем за Германија претставува радикализирањето во Косово.