Костадиновски: При купувањето граѓанска обврзница, луѓето треба да внимаваат на многу аспекти, а еден од нив е типот на аукцијата

од Vladimir Zorba
4,2K прегледи

По низата првични позитивни оценки од ефектите на издавањето на граѓанската обврзница, познавачите на оваа област предочија и други аспекти на кои треба да се внимава.

Според овластениот инвестициски советник Коста Костадиновски, луѓето  треба да знаат дека купувањето на обврзниците има определени трошоци коишто треба да бидат земени предвид во калкулациите. Така на пример, на нив треба да се смета при евентуално предвремено продавање на обврзниците.

Насоката во којашто ќе се движат работите, односно висината на каматната стапка ќе биде условена и од типот на аукцијата.

„Постои можност да има делумна реализација на купувањето доколку има преголем интерес од понудената количина за продажба. Во таков случај можно е да има и намалување на каматата доколку Министерството се одлучи за таков вид на аукција“, вели Костадиновски за „Локално“.

Според него, иако на прв поглед се добива впечаток дека ова ќе го наруши комфорот на банките, министерството овие средства ќе ги стави во оптек и тие повторно ќе завршат кај банките.

„Банките според мене се во неутрална позиција. Инаку, добитник од ваквиот инструмент ќе биде пазарот на капитал, односно берзата, бидејќи ќе се стави во оптек инструмент кој претходно не бил толку популарен“, вели Костадиновски.

Владата најави емисија на народна , граѓанска обврзница. Каков според вас ќе биде интересот за ваков вид хартија од вредност?

-Според она што министерството го најави во смисла на планирана каматна стапка, би требало да има интерес. Некако се создава добар публицитет во јавноста за овој инструмент и затоа очекувам да има интерес. Но тоа е секогаш непознато додека не се случи аукцијата, односно, додека не се депонираат парите на клиентските сметки за учество на аукцијата. Во моментов околностите, пред се во смисла на очекуваната камата, се интересни и очекувам да има интерес. Имајќи предвид дека ова  е прв пат на популарен начин да се отвора вратата за купување државни обврзници, луѓето  треба да имаат предвид дека купувањето на обврзниците има определени трошоци коишто треба да бидат земени предвид во калкулациите.Дополнително, треба да се знае дека постојат трошоци   при  евентуално предвремено продавање на обврзниците, и според мене најважно е да се истакне дека  постои можност да има делумна реализација на купувањето доколку има преголем интерес од понудената количина за продажба. Во таков случај можно е да има и намалување на каматата доколку Министерството се одлучи за таков вид на аукција.

Каков сигнал испраќа државата со емитување на ваков вид хартија од вредност? Колку се неопходни овие пари во буџетот и во што ќе се инвестираат?

-Дел од одговорите на ова прашање ќе бидат познати со објавата на проспектите на обврзницата, а другиот дел би требало да ги искоментира министерството за финансии, најмногу во смисла на тоа дали парите од обврзницата ќе се користат за тековно финансирање на буџетот, или ќе се користат наменски за некои конкретни проекти. Сега тоа е непознато, но генерално сигналот за пазарот на капитал е добар. Ваквите аукции и претходно беа достапни, но никогаш не беа на ваков начин популаризирани. И претходно, граѓаните и фирмите можеа да ги користат овие инструменти преку банките, но очигледно сега се сака да се даде директен сигнал кон пазарот на капитал, и да се пристапи директно до тој потенцијал за финансирање на државниот буџет.

Оправдани ли се очекувањата дека со ваквата алатка ќе се извлечат парите од под перница и граѓаните ќе влезат во бизнис зделка со државата? Очекувате ли токму заради гаранциите што ги носи со себе народната обврзница и каматата, да се наруши т.н банкарска комоција?

-Не сум сигурен дека оваа обврзница, барем од тоа што досега постои како јавно достапна информација, дека ќе биде гарантирана со некаква дополнителна гаранција. Гарант е самиот издавач, односно државата. Најдобро е за целиот финансиски систем што повеќе пари од под перница да влезат во официјалните финансиски текови. Ако оваа обврзница го постигне тоа, ќе биде вин-вин за сите. Тука ќе биде задоволно и министерството и лицата што претходно ги чувале парите под јастук, а ќе бидат задоволни и банките затоа што ќе влезат нови пари во системот. За банките овој инструмент може во извесна мера да значи и притисок врз очекуваните камати на депозитите за рокови од 24 месеци, бидејќи актуелните камати на депозитите во оваа рочност се значително пониски од очекуваната камата на обврзницата. Иако на прв поглед се добива впечаток дека ова ќе го наруши комфорот на банките, министерството овие средства ќе ги стави во оптек и повторно ќе завршат кај банките. Банките според мене се во неутрална позиција. Инаку добитник од ваквиот инструмент ќе биде пазарот на капитал, односно берзата, бидејќи ќе се стави во оптек инструмент кој претходно не бил толку популарен.

Извесно време во оптек се локалните обврзници. Која е разликата? Зошто некој би инвестирал во локални односно во народна обврзница?

-Локални обврзници сеуште не се издадени, нема таков инструмент. Постојат само најави, но нема сеуште таква понуда. Она што ние како инвестициска јавност би го очекувале од општинска обврзница е поголема каматна стапка од државната обврзница, бидејќи овој тип на обврзници со себе носи поголем ризик.

Водени од ниските каматни стапки на штедните влогови, дел од штедачите ги повлекуваат своите пари од банките. Дали ова повлече пренасочување на средствата кон инвестициските фондови?

-Не би се сложил дека банките немаат добри камати на депозитите. Во изминатиов период значително се поместија каматите на депозитите во нагорна линија, но сепак доста луѓе дел од средствата ги насочија кон инвестициските фондови и берзите купувајки акции бидејќи тоа е правилно за подолгорочни вложувања. Во минатите пет, десет години акциите направија значително подобар ефект од депозитите. Ако се гледаат бројот на клиентите, истргуваните количини и износите на вложени пари, очигледен е интересот за берзите и инвестициските фондови.

Што научивме од сите кризи со кои се соочивме во изминативе години, во однос на тоа дали и во што треба да се инвестира?

-Не може да се генерализира дека во секаква криза е соодветно да се инвестира во одреден инструмент или одреден фонд. Секоја криза има различни карактеристики и има различно влијание врз економијата. Во некои кризи во минатото, соодветно беше човек да биде во “кеш “ позиција, како што беше во финансиската криза во 2008, кога кешот беше најдобар инструмент. Во оваа криза со короната, понатака со војната во Украина и со актуелната инфлација, кешот станува проблем бидејки куповната моќ на готовината се намалува. Ако тогаш беше соодветно да се има кеш, а несоодветно да се има недвижност и акции, сега е обратно, недвижностите и акциите ја зголемија вредноста, а слободниот кеш ја загуби вредноста поради инфлацијата. Секоја ситуација си носи свои предизвици. Оттаму, од клучна улога е да се користат стручни и овластени инвестициски советници за да се добијат правилни совети за изборот при вложувањата.

Колку треба да е каматата за да е атрактивна?

-Според она што денес го имаме како актуелна каматна стапка на 12 месечните државни записи и на две годишната државна обврзница, очекувам висина на каматата на народната обврзница да биде помеѓу 4,5% и 5,0%. Доколку народната обврзница има девизна клаузула, тогаш каматата ќе биде нешто пониска.

Каков е интересот за микро и мали вложувања, и во таа насока можете ли да посочите конкретен пример?

-Кај нас прва опција, лесно достапна, и со сериозно развиена понуда е вложувањето во инвестициските фондови и тоа за помалите клиенти кои сакаат да прават вложувања на редовна месечна или годишна основа на помали износи. За износи над 10.000 или над 20.000 евра, луѓето се повеќе директно влегуваат на пазарите на капитал, во земјава и странство, правејќи портфолија на хартии од вредност. Тоа е насоката во која луѓето генерално се движат како алтернатива за купувањето на недвижнини или чување пари како депозит кои кај нас имаат поголема традиција.

К.В.С.

Слични содржини