Костовски: Во агонија луѓето само претаат, а ние живеевме масовна хистерија и омраза

од Vladimir Zorba
399 прегледи

Ние сме емотивно осакатени па и веројатно не можеме да приметиме и си речеме дека нешто погрешно правиме, меѓутоа тоа е проблемот на денешното човештво и тоа буди желба за промена. Во овие бебешки чекори на демократија веројатно мораме да пројдеме низ многу процеси за да кога ќе стигнеме некаде да го цениме сето тоа што сме го поминале, вели дизјанерот и уметник Горан Костовски во интервју за Локално.

Во однос на „приближувањето“ на земјава до ЕУ, популарниот Ин.Дог вели дека Европа е потребна на овие простори за понатамошен развој.

-Верувам дека и те како ни треба Европа, а со нејзе ќе дојдат и многу бенефити за нашиот развој како и владеењето на правото, инвестициите, напредок на човековите права и сите оние работи за нормален тек во 21 век,вели Костовски.

„Celebrate life“, брендот кој сам го создаде и остави печат во урбаните средини, вели дека настанал во „прилично грозно време за живеење“ и тоа е негов „внатрешен крик“ во тој период.

-Јас проаѓав низ прилично тежок период во животот и емотивно и финансиски буквално останав без никаква работа и неколку години живеев на работ на егзистенцијата меѓутоа бев искрен и го цртав тоа што го живеев па веројатно и луѓето го соживеаја тоа со мене и им побуди мојата емоција на нив, посочува дизајнерот.

За своето неодамнешно учество на настанот „Солидарност со бегалците“ организиран од УНХЦР Скопје вели дека животот е тотално непредвидлив и навистина не се знае што не чека па затоа и ние мораме да бидеме што е можно поемпатични во однос на луѓето кои ги напуштиле своите домови и бараат помош.

Неодамна бевте актуелен со интерактивен креативен агол на настанот „Солидарност со бегалците“ организиран од УНХЦР Скопје. Задоволни ли сте од тоа како помина целиот настан и дали мислите дека во период во кој бегалците буквално се демонизираат во нашето општество, но и во Европа, упатената порака пристигна до вистинските луѓе?

-Заедно со посетителите на настанот создадовме едно дело преку кое што целта беше секој да нацрта и обои дел од визуелниот идентитет за настанот Крени глас за Солидарност со бегалците и навистина сум благодарен што добив покана да испратиме порака по повод првиот бегалски форум кој што се оддржa за прв пат годинава во Женева и Скопје беше дел од сето тоа. Солидарноста започнува со секој од нас и сите забораваме дека и тие луѓе немаат друг избор и ги напуштиле своите домови и бараат подобра иднина и стабилност за себе и своите семејства.

Зборувајќи со луѓето од УНХЦР дојдов до податок дека поголема едукација на населението води кон подобри резултати во заштитата на бегалците… Знаете животот е тотално непредвидлив и навистина не се знае што не чека па затоа и ние мораме да бидеме што е можно поемпатични. Верувам дека нашата порака стигна до сите поединци а, и институциите.

Проблемите кои го засегаат секој граѓанин секојдневно ги третирате преку социјалните мрежи, било тоа да е со вашата уметност, или со статуси со кои го изразувате незадоволството од средината. Има ли „светло на крајот од тунелот“? Се сложувате ли со констатацијата на одредена група на луѓе дека со „приближување“ на земјава до Европа работите тука би можеле да се подобрат или културната разлика е едноставно преголема за да ја видиме промената која толку очајно ја посакуваме?

-Ух има ли светло навистина? Не знам… многу ме боли себичноста и немањето чувство за општо добро. Ние сме емотивно осакатени па и веројатно не можеме да приметиме и си речеме дека нешто погрешно правиме меѓутоа тоа е проблемот на денешното човештво и тоа буди желба за промена. Во овие бебешки чекори на демократија веројатно мораме да пројдеме низ многу процеси за да кога ќе стигнеме некаде ќе го цениме сето тоа што сме го поминале. Јас припаѓам на онаа генерација каде што буквално молев да добијам Шенген виза за да излезам од тука за да одам во Европа и да бидам во контакт со актуелните случувања за да почуствувам некаков развој и напредок.

Денешните деца не се ни свесни колку многу имаат со самиот факт што може да патуваат без визи и имаат евтини авионски карти, а секако и да не заборавиме дека благодарение на европските програми одат на многу размени каде што се запознаваат со нови култури и професионално се надградуваат. Верувам дека и те како ни треба Европа, а со нејзе ќе дојдат и многу бенефити за нашиот развој како и владеењето на правото, инвестициите, напредок на човековите права и сите оние работи за нормален тек во 21 век.

Девет години поминаа од промоцијата на „Celebrate life“, ваше „чедо“ со кое дефинитивно станавте препознатлив и оставивте свој печат во градов. „Да се избегне мрачната и неподнослива состојба во секојдневието и да се потсетат луѓето на моментите кога танцуваат и ги слават убавите нешта“ е филозофијата зад платформата. Гледајќи наназад низ годините, мислите ли дека преку вашите креации успеавте во целта, барем малку, да ги натерате луѓето да го „слават животот“?

-„Celebrate life“ започна во прилично грозно време за живеење овде и ова беше мој внатрешен крик во тој период, јас проаѓав низ прилично тежок период во животот и емотивно и финансиски буквално останав без никаква работа и неколку години живеев на работ на егзистенцијата меѓутоа бев искрен и го цртав тоа што го живеев па веројатно и луѓето го соживеаја тоа со мене и им побуди мојата емоција на нив. Во агонија луѓето само претаат, а ние живеевме масовна хистерија и омраза.

Гледајќи како нашите спомени и град умира беше навистина траорно и безнадежно, а јас само цртав за тоа и имав надеж дека нешто ќе мора да се смени или пак да си отидеме засекогаш бидејќи Скопје се отсели од нас комплетно. Не би си додавал некое посебно значение бидејќи суетата им припаѓа на несигурни луѓе ама прекрасно беше чувството кога рандом луѓе ме сретнуваа на улица и зборуваа со мене за некоја моја илустрација или пак кажуваа дека им е навистина тешко и заедно проаѓаме низ истиот ужас но, ги потсеќам дека мора да се радуваат на нешто. Поддршката кажува дека јас некако допирам до луѓето што особено ми значи.

„Да се твори во средина каде што воопшто не постои култура и тоа како е предизвик“, споделивте неодамна во интервју. Со оглед на понекогаш „мрачните“ дела кои ги гледаме од вас во интернет просторот, од што повеќе црпите инспирација – негативното или позитивното? Доживеа ли трансформација твојата уметност од почетокот на творењето до денеска?

-Желбата за промена доаѓа од се околу нас. Имам и јас многу мрачни страни кои што луѓето кои што ја следат мојата работа и те како ги приметуваат. Искреноста пред себе е многу битна работа јас не живеам среќен интернет живот и не глумам пред светот дека се е прекрасно и дека сите се сакаме и сме најдоброто од себе.

Јас се менувам и созревам секој ден како и моето творештво. Конструктивното незадоволство е девизата по која што се водам последниве 20 години. Од негативното создавам позитивно.

Дел од твоите илустрации можеме да ги видиме на маици, дуксери, торби…Останува ли брендот само за лимитиран број на луѓе или тоа може да се претвори во нешто сериско? Има ли пазар за нешто такво во земјава?

-Лимитираните серии се поради моја желба да не стане сето тоа досадно и се разбира повеќе ми е драго да го носат и поседуваат творештвото само луѓе што навистина го разбираат сето тоа, знам дека кај луѓето постои револт што не е достапно за сите меѓутоа навистина ми е битно да продолжи љубовта со која што сум го создал тоа парче и личноста која што го поседува да продолжи да ја шири.

Зад себе имам огромно искуство кое што навистина можам да направам и повеќе меѓутоа не сум толку сигурен дали има пазар за нешто повеќе искрено бидејки многу фактори зависат за развој – од конекција со бизнис заедница па се до грантови за развој и поддршка како и едукација што значи локален дизајн. Инаку за брендот после 9 години прекрасно е што малку од малку започнаа соработки за кои што творам на темата за нивни потреби и сум пре пре пре пре благодарен и се надевам дека за наредните 10 ќе се развие и порасне.

Неодамна во едно интервју споделивте дека подготвувате ретроспектива на вашата работа во изминатава деценија и дека може да видиме книга со вашите илустрации. До каде е тој проект?

Да некако ја планирав книгата за почеток на 2020 меѓутоа подготвките одат тешко за сега, пред се поради финансиски причини (најчесто тоа е секогаш проблем) и не би можел да кажам повеќе околу ова но, 10 годишнина е битен јубилеј за мене па најверојатно во блиска иднина ќе се работи на овој проект.

В.З.

Слични содржини