Ковачески: По примерот на Конески, се грижиме за македонскиот јазик, низ дела!

од Берта Китинска

Наследството на Конески е темел на македонскиот јазик, а со тоа и темел во македонскиот идентитет и во македонската национална култура – но и со безвременско значење, поради поставеноста на Конески кон иднината, како приврзаник на сфаќањето дека јазикот е жива материја, кажа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во своето обраќање на настанот „Отворени денови на Институтот за македонски јазик“.

И затоа е доволно е да се препрочита Конески, за да се биде спокоен и сигурен дека сме на вистинскиот пат“, порача премиерот Ковачевски.

Тој констатираше дека одредницата да се работи во служба на иднината и идните генерации е аманет од Конески и тоа е нашиот пат, сега и секогаш.

„„Јазикот е нашата татковина“ е неговата позната порака. Но, Конески посочил и дека: „Од нас зависи дали јазичната средина ќе биде загрозена или не“ и ова не е помалку важно. Напротив, е мотив и обврска за секој кој се смета или се гледа за продолжувач на неговото дело. Денес, македонскиот јазик е официјализиран, после Обединетите Нации – и во Европската Унија. Само пред неколку дена, Советот на Европската Унија ја усвои одлуката за потпишување на Договорот за гранично управување меѓу ЕУ и Република Северна Македонија, на чист македонски јазик. Нема какви било додавки, нема какви било ѕвездички – на чист македонски јазик! Нема повеќе ни поединечни внимателни формулации од типот „јазикот на Блаже Конески, Матеја Матевски“ и слично. Денес јасно и гласно, во официјални изјави, на сите европски лидери, на претставници на меѓународната заедница, прецизно се употребува терминот „македонски јазик“ којшто е рамноправно застапен, заедно со сите други европски јазици, во Европската Унија. Ако јазикот е нашата татковина, а македонскиот јазик е признаен на рамноправна основа меѓу европските јазици, за што прв доказ е договорот ФРОНТЕКС, а и целокупното европско законодавство што се подготвува да се преведе и на македонски јазик – тогаш по членството во НАТО, со што ги осигуравме територијалните граници на нашата татковина, ова е конкретното признание на македонскиот јазик што го очекувавме – и осигуравме, со почетокот на преговорите со ЕУ. Со државничките одлуки што ги носиме веќе 5-та година, потврдивме и осигуравме и европско и светско признание на македонскиот јазик и македонскиот идентитет! И јас сум убеден дека Конески денес би се чувствувал подеднакво горд во постигнувањето на заштитата на нашата јазична средина – на нашата татковина, како што тој би рекол“, оцени премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски, рече дека Граматиката на македонскиот литературен јазик од Блаже Конески е капитално дело со трајна вредност.

Слични содржини