Ковачевски: Австрија инвестирала над 900 милиони евра до 2022 година, 50 компании се присутни во С.Македонија

од Vladimir Zorba
137 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска на прес-конференција во Виена каде е во работна посета, ги потенцираше заложбите на Австрија во евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија. Ковачевски ја истакна поддршката на земјата и секторската соработка на повеќе нивоа.

Потенцираше дека меѓу Северна Македонија и Австрија не постојат отворени билатерални прашања, а фокусот на двете земји е во јакнењето на соработката во сите области. Премиерот истакна дека Австрија е најголемиот странски инвеститор во Северна Македонија, со инвестиции од над 900 милиони евра до 2022 година. Околу 50 австриски компании се присутни на пазарот во Северна Македонија во повеќе области.

„Австрија е најголемиот странски инвеститор во Северна Македонија, со инвестиции од над 900 милиони евра до 2022 година. Околу 50 австриски компании се присутни на пазарот во Северна Македонија во повеќе значајни и клучни области за државата. Постои потенцијал за подобрување на нашата меѓусебна трговска размена, посебно преку зголемување на македонскиот извоз во Австрија, и тука пред сè мислам на земјоделските производи кои имаат додадена вредност, органско потекло и квалитет, и на тоа ќе работиме во претстојниот период.

Исклучително ја цениме помошта на Австрија во справување со бегалската и мигрантската криза на нашата јужна граница. Миграцијата е заеднички предизвик за сите европски земји, а Северна Македонија континуирано ги презема сите потребни безбедносни мерки за справување со овие предизвици, вклучувајќи и како земја членка на НАТО и како земја која што преговара со ЕУ, и како земја претседавач со ОБСЕ. Од голема важност е помошта која нашата полиција ја доби од Австрија, особено за возилата и опремата за ноќната гранична заштита.

Затоа сакам и јавно да изразам благодарност за поддршката од страна на Владата на Австрија но и лично до австриските полицајци во процесот на поуспешен надзор и контрола на илегалните обиди за премини на границата помеѓу Северна Македонија и Грција играа многу важна улога. Во периодот јануари – март оваа година, спречени се околу две илјади обиди за илегални преминувања за влез во Северна Македонија. Соработката продолжува и понатаму преку механизмот ФРОНТЕКС за кој минатата година, веднаш по отворањето на преговорите со ЕУ и по започнувањето на скринингот, потпишавме договор, а денес почна и практичната имплементација на договорот ФРОНТЕКС во нашата држава што беше обележано со свеченост во Скопје. Овој договор, е навистина значаен за нас, и од друг аспект, бидејќи истиот е потпишан на македонски јазик, без какви било додавки и фусноти, потврдувајќи ги нашите заложби за заштита и промоција на македонскиот идентитет во што секако дека значајна улога играше, игра и ќе игра Австрија како пријател на нашата држава.

Морам да нагласам дека поддршката од Австрија во овој клучен временски период за нас беше и сеуште е од голема важност. Му благодарам на канцеларот што неговата лична поддршка ќе продолжи и понатаму“.

Слични содржини