Ковачевски и Џафери поднесоа оставки – денес се избира нов претседател на Собрание и се врачува мандатот за техничка влада

од Nikola Popovski

Денеска Собранието на 139. седница на која се очекува да бидат констатирани оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Талат Џафери, како и да биде избран новиот претседател на законодавниот дом Јован Митрески, актуелен координатор на пратеничката група на СДСМ.

Ковачевски и Џафери, кој ќе биде мандатар на техничката влада, оставките ги поднесоа вчера како вовед на изборот на техничката влада на 28 јануари, сто дена пред парламентарните избори на 8 мај.

Се очекува Митрески денеска да биде избран за претседател на Собранието. Врз основа на Деловникот, за претседател на Собранието е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. По изборот и свечената заклетва, Џафери ќе му ја предаде функцијата на Митрески.

Политичките партии ќе го известат претседателот на државата Стево Пендаровски дека во Парламентот имаат мнозинство, по што тој во попладневните часови ќе му го предаде мандатот за формирање на техничка влада на Џафери. Техничкиот мандатар во сабота ќе достави програма и состав на Влада до Собранието.

Составот на техничката Влада е веќе познат откако политичките партии ги објавија предлозите за министри и за дополнителни заменици министри.

Слични содржини