Ковачевски: Платите на функционерите ќе се усогласат на прифатливо и издржливо ниво

од Nikola Popovski

Премиерот Димитар Ковачевски денеска истакна дека формирана е работна група од министри од Владата која треба да изработи решение за платите на функционерите, односно како што рече, решение кое нема да биде предмет на поништување на Уставниот суд.

-Носење на решение кое го прекршува системот за плати, во јавниот сектор, ќе значи веднаш реакција. Вчера е отворена дискусија како треба да изгледа моделот. Министрите ќе работат за да дојдат до решение – се сака да се постигне усогласување на платата на поприфатливо ниво, а истовремено да биде издржливо. Во наредните недела или две, ќе излезат со решение кое ќе биде на седница на Влада, па после тоа испратено во Собрание, кажа Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање.

Со одлука на Уставниот суд за укинување на два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, се овозможува зголемување на платите на државните функционери за дури 78 отсто.

Покрај нив, законот се однесува и на примањата на премиерот, претседателот, собранискиот спикер, но и сите вршители на јавни функции, соопштија од Синдикатот на управа, правосудни органи и здруженија на граѓани (УПОЗ). Тука спаѓаат и сите заменици министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции.

Платите на функционерите беа замрзнати 12 години.

Слични содржини