Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски изјави дека СДСМ е единствената партија во државата која што својот претседател го бира на непосредни избори и има исклучително позитивна и амбициозна иднина. Тој наводите за раздор во СДСМ ги окарактеризира како шпекулации и лажни вести од таборот на опозицијата.
„Тоа е единствено шпекулација и лажни вести кои што доаѓаат од таборот на опозицијата, со оглед на тоа дека тие веќе имаат проблеми кај себе во однос на нивното функционирање, на што сите бевме сведоци во текот на изминатиов период. Веројатно сакајќи да ја префрлат топка кај нивните политички противници, пласираат вакви вести. Прво, министерот Спасовски и денеска е со мене и утре ќе биде со мене и тој е дел од стратешкиот тим на СДСМ за подготовка на следните парламентарни и претседателски избори“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за наводите во медиумите дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски има амбиција да стане претседател на државата и претседател на СДСМ и оти во партијата има раздор.
Премиерот истакна дека СДСМ е единствената партија во државата која што својот претседател го бира на непосредни избори во кои што учествуваат сите членови на партијата.
„Јас како претседател сум избран со над 40 илјади гласови од тројца кандидати кои што се кандидирале согласно процедура каде што има комисија и каде што секој член на партијата учествува на слободно гласање“, наведе тој.
Потенцира дека откако ќе завршат мандатите на кој било во партијата, тогаш повторно партијата ќе организира избори.