„Секој кој го потценува политичкото значење на ова силно, можеби како никогаш досега, солидаризирачко пријателство на западните држави со Република Северна Македонија, има други намери, цели и интереси, што не се совпаѓаат со евроатланските аспирации на државата, тие не се совпаѓаат со стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави. Тоа јасно е кажано од нивни претставници тука во Скопје“,изјави премиерот на РСМ, Димитар Ковачевски денеска од Собранието.
Потсети на пораката на американскиот сенатор, Крис Марфи, како и на сите високи претставници на Стејт Департментот, за недвосмислената поддршка од САД, за членството на Северна Македонија, по НАТО и во Европската Унија.
„Но, и на укажувањето дека, ако Северна Македонија тргне по друг пат, ако одлучи да не ги донесе одлуките кои се дел од преговарачката рамка, ако се тргне од патот кон ЕУ, тоа ќе биде многу загрижувачки чекор за членките на НАТО и ќе има влијание врз односите со САД”, додаде премиерот Ковачевски.
Од изолирана држава, продолжи тој, цела една деценија – со мудри, храбри и истовремено одважни одлуки, успеавме да ја обновиме и засилиме меѓународната поддршка како никогаш досега, во полза на нашето зачленување во НАТО, а сега и во Европската Унија.
„Пораките од САД се дека остануваат со нас и дека тие осигураа да станеме земја членка на НАТО и стојат со нас до зачленувањето во ЕУ. Пораките од Германија, за текот на преговарачкиот процес, се дека тоа се работи кои се веќе напишани во преговарачката рамка и дека нема други, за што при мојата посета на Берлин, можевме да слушнеме и лично од германскиот канцелар, меѓутоа дека преговарачкиот процес се одвива во рамки на преговарачката рамка со обврски преземени од ЕУ и преземени од наша страна денес можевме да чуеме и од бугарскиот претседател, што досега не беше случај. Евроамбасадорот Гир јасно потенцираше дека на патот кон ЕУ не се губат идентитетот, историјата, културата или јазикот, туку дека напротив се зајакнуваат, а македонскиот јазик е веќе во преговарачка рамка, без никакви дополнителни квалификации. Европската комисија потпиша договор за гранично управување со Република Северна Македонија на чист македонски јазик без ѕвезди, фусноти или било какви појаснувања одобрен од сите земји членки на ЕУ вклучително и Бугарија и Грција. Сето ова се аргументи кои ги фрлаат во вода обвинувањата кои беа искажувани цела година“, потенцираше премиерот на седницата за пратенички прашања во Собранието.