Ковид мерките на сила од 18 часот, Филипче со апел да не се излегува надвор без голема потреба

од Берта Китинска
291 прегледи

Денеска од 18 часот па до 20 јануари на сила стапуваат новите ковид мерки.

Со мерките работното време на угостителските објекти се скратува до 18 часот, а се забранува и организирање и одржување прослави на претстојните новогодишни и верски празници.

Полицијата ќе врши увид во викендици

Изнајмувањето викендици на групи за новогодишните празници е кривично дело и полицијата ќе постапува врз основа на сите дозволени закони. Засилените контроли започнуваат веќе од наредната недела и ќе траат во текот на новогодишната ноќ.

Граѓаните се прашуваат според кој закон полицијата ќе има ингеренции да влегува во приватни домови за да врши контрола за празниците.

Министерот вели дека не е кривично дело ако се изнајми викендица на едно семејство, но е кривично дело против здравјето и животот на граѓаните ако се изнајмува на групи луѓе.

Нови мерки

Мерките не дозволуваат ниту организирање Нова Година на отворен и затворен простор од физички и правни субјекти. Ова се однесува и на јавните институции, поради што на општините и на сите организации основани од локалната самоуправа им се укажува дека освен што е забрането секакво групно собирање и организирање прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници, треба да се откажат и прославите што се веќе евентуално закажани.

Забрането е групирање по плоштади за дочек и прослава на Нова година, како и секаков вид собири во периодот на празниците, а хотелите ќе треба да ги затворат своите ресторани по 21 часот. Забрана за собири на отворено и ограничен број посетители во затворен простор со задолжително носење маски ќе важи и за празнување на  верските празници кои следат.

Филипче на Фејбук

Министерото за здравство Венко Филипче повторно апелираше и да не се излегува надвор во овој период ако за тоа нема некоја вистинска, голема потреба.

Тој повторно упати апел  до граѓаните оваа година, празниците да се прослават во кругот на семејството.

-Оваа година да прославиме во кругот на семејството, да ги обележиме празниците кои ни значат одговорно, грижејќи се за здравјето на нашите најдраги. Догодина посреќни и побројни!, напиша Филипче.

Извештај на заболени

Изминатата недела имало помалку нови случаи на ковид-19, помалку починати, но и помалку тестирања.

Во периодот од 7 до 13 декември тестирани се вкупно 15.857 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на САРС-КоВ-2, што е помалку за 9,2 отсто во споредба со претходната недела, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Притоа регистрирани се помалку нови позитивни случаи, но и помалку смртни случаи.

Во истиот период пријавени се 174 смртни случаи, со намалување од 5,4% во однос на претходната недела. Во однос на возраста, 142 од починатите биле над 60 години, 24 лица на возраст од 50-59 години, 4 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и по два случаи од возрасните групи од 20-29 и 30-39 години.

Вкупно ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата се 76.251, оздравеа 52.413, починаа 2.225, а активни случаи се 21.613.

Слични содржини