Ковид мерките остануваат на сила, наскоро пристигнуваат вакцините

од Берта Китинска

Бележиме намалување на бројот на нови случаи, на починати, паѓа процентот и на позитивни од тестирани.Мерките остануваат на сила иако состојбата е стабилна, велат властите.

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека се разгледува можноста и за набавка на вакцините од кинескиот производителите „Синовак“ и „Синофарм“. Во меѓувреме, државата не се откажува од вакцините на Фајзер кои треба да се обезбедат преку ковакс механизмот. За кинеските вакцини се размислува по доцнењето на испораката на вакцините на „Фајзер“.

-Остануваме посветени на реализација на набавките за вакцините преку механизмот Ковакс и во директните набавки од компанијата Фајзер. Но, факт е дека компаниите се соочуваат со проблеми во испораката и доцнење на вакцините во целиот свет и во Европа. Во моментов ја разгледуваме и можноста за набавка на вакцини од Кина и чекаме детали во однос на цената и испораката. До крајот на неделата верувам дека сите овие информации ќе ги имаме. Мораме да работиме на сите полиња за да обезбедиме интегрален процес, без пауза од моментот кога ќе почне имунизацијата, соопшти Филипче.

Неделен извештај на ИЈЗ

Според извештајот на ИЈЗ за периодот од 18-24.01.2020 година, направени се 11.036 тестирања на SARS-CoV-2, а регистрирани се 1.727 нови позитивни случаи. Во однос на претходната недела:

  • Процентот на позитивни од тестирани во просек е 14%, намалување од 2%
  • Намалување на смртни случаи од 12,7%
  • Како оздравени се водат 5.084 лица

Извоз на вакцините произведени во ЕУ само со дозволи

Европската комисија соопшти дека отсега сите компании што произведуваат вакцини против Ковид-19 во ЕУ ќе треба претходно да ја известат Унијата доколку сакаат да доставуваат вакцини во трети земји. Од ова се изземени само хуманитарните испораки.

За еврокомесарката за здравство, Стела Киријакидес, неприфатлива е најавата од Фармацевтската компанија со седиште во Велика Британија „АстраЗенека“ која минатиот петок ги извести земјите-членки на ЕУ дека има намера да обезбеди значително помалку дози во следните недели отколку што беше договорено и најавено. Се бараат одговори колку дози се произведени досега и на кого биле доставени.

Слични содржини