На денешен ден  10 мартMikhail-Bulgakov-001

1452.- Роден е шпанскиот крал Фердинанд Католички (како Фердинанд II владетел на Арагонија, а како Фердинанд V од Кастиља). Неговото доаѓање на престолот на Арагонија во 1479 година го означи почетокот на историското обединување на Шпанија. Неговата жена Исабела I  во 1474 година стана кралица на Кастиља, а тој го наследи татко му Хуан II во Арагон со што се соединија главните пиринејски држави. Настојувајќи да ја зајакне римокатоличката црква и монархијата, во 1480 година го втемели судот на инквизицијата (која во таа земја постоеше до 1834 г.), а во 1492 година ги протера Евреите од Шпанија. Борбите со Маварите победоносно ги заврши во 1492 година, протерувајќи ги од јужната шпанска покраина Гранада. Истата година ја опреми експедицијата на Кристифор Колумбо која ја откри Америка, а во 1503 година го презеде Напуљското кралство (Кралството на двете Сицилии).

1628.- Роден е италијанскиот лекар и ботаничар Марчело Малпиги, творец на микроскопската анатомија. Тој го пронајде микроскопот кој зголемува до 180 пати.

1772.- Роден е германскиот писател Фридрих фон Шлегел, најзначаен теоретичар на германскиот роматнизам и еден од првите европски модернисти. Заедно со неговиот брат Аугуст Вилхелм Шлегел го уредуваше романтичарското списание „Атенеум“. Тој пишуваше и афоризми. Дела: романот „Луцинда“, „Историја на старата и новата книжевност“.

1861.- Умре украинскиот писател и сликар Тарас Григорјевич Шевченко, најголем украински поет на 19. век, основач на новата украинска книжевност, романтичар, револуцинер, борец за слобода на народите. Дела: збирка песни и поеми „Кобзар“, поемата „Ајдамаци“, романите на руски „Кнегиња“, „Музикант“, „Близнаци“, „Уметник“.

1872.- Во Пиза умре Џузепе Мацини, италијански револуционер и демократ. Во 1831 година во Марсеј го основа револуционерното здружение “Млада Италија”. Учествуваше во борбите за обединување на својата земја и до крајот остана верен на републиканските начела, протестирајќи против обединувањето на Италија врз монархистички основи. Роден е во Џенова, на 26 јуни 1805 година.

1878.- Во селото Мачуково, Гевгелиско, е роден Леонид Јанков, македонски револуционер и војвода. Песната „Трба, трби гевгелиска“ е посветена на овој 27-годишен војвода. Во месноста Ѓуров Дол, кај селото Ѓавато, Гевгелиско, на 2 септември 1905 година, во борба против турската војска, откако го уби турскиот јузубашија, со последниот куршум се самоуби.

1922.- На Европската економска конференција во Џенова западните сили го условија признавањето на Советскиот Сојуз со исплата на 12 милијарди златни франци за царските државни заеми и штетите поради национализацијата на странски компании по Октомвриската револуција. По укажувањето на шефот на советската дипломатија Георгиј Чичерин  дека западните сили на Советска Русија и нанеле штети со воените интервенции од 30 милијарди златни франци собирот западна во ќор-сокак.

1940.- Умре рускиот писател Михаил Афанасјевич Булгаков. Дела: „Бела гарда“, „Мајсторот и Маргарита“, „Белешките на младиот лекар“, „Ѓаволијада“, „Кобни јајца“, „Животот на господинот де Молиер“, „Театарски роман“ (недовршен), „Бекство“, „Зојкин стан“, „Адам и Ева“, „Блаженство“, „Иван Васиљевич“, „Последни денови“, „Мртви души“, сценарио за „Ревизор“ и „Мртви души“, како и драматизација на „Мртви души“ и „Војна и мир“.

1945.- Токио во Втората светска војна е уништен со нападот на 300 американски бомбардери Б-29, при што загинаа околу 100.000 жители на јапонскиот главен град.

1948.- Шефот на чехословачката дипломатија Јан Гариг Мазарик, син на првиот претседател на Чехословачка Томаш Мазарик, изврши самоубиство. Мотивот за овој чин на претходниот амбасадор на Чехословачка во САД и во Велика Британија, како и министер за надворешни работи од 1940 година не е расветлен, но се знаеше дека не беше наклонет кон комунистичкиот режим кој ја преземаше власта.

1953.- Во Скопје излезе првиот број на весникот “Просветен работник”, како орган на Здружението на просветните работници на НР Македонија.

1965.- Во Скопје умре Стале Попов, македонски писател. Богословија заврши во Битола, а Теолошки факултет во Белград. Немаше постојана професија. Беше селски чувар, тутунски работник во прилепскиот монопол, службеник во Собранието во Белград, претседател на Околискиот народен одбор во Прилеп, управник на шумска дирекција и професор по македонски јазик. Литературната афирмација ја започна по ослободувањето на земјата. Во 1953 година го објави романот “Крпен живот”, а потоа и романите “Толе Паша”, “Калеш Анѓа” и “Дилбер Стана”. Исто така, познати се и неговите повести “Опасна печалба” и “Мариовски панаѓур”. Роден е во селото Мелница, Мариовско, на 25 мај 1902 година.

1968.- Во ферибот кој се преврте во пристаништето на новозеландскиот град Велингтон загинаа најмалку 200 луѓе.

1969.- Џејмс Ерл Реј е осуден на 99 години затвор, под обвинение дека го убил американскиот црнечки лидер Мартин Лутер Кинг во април 1968 година. Подоцна независната истрага покажа дека веродостојноста на „доказите“ на ФБИ се многу недоверливи и дека не е сигурно дека Реј е атентаторот на Кинг.

1974.- Јапонскиот поручник Хиро Онаде по 29 година криење во џунгла им се предаде на филипинските власти објаснувајќи дека не добил наредба за повлекување и дека не знаел дека завршила војната меѓу САД и Јапонија.

1985.- По само 13 месеци откако стана советски државник, умре Константин Устинович Черњенко. На најмоќната функција во државата – генерален секретар на советската Комунистичка партија дојде по смртта на Јуриј Андропов во февруари 1984 година. На власт дојде со нарушено здравје. Со години беше шеф на кабинетот на советскиот лидер Леонид Брежњев.

1985.- Во Битола умре Ацо Стефановски, доајен на Народниот театар во Битола и пионер на македонската театарска и филмска уметност. Роден е во Битола, на 10 декември 1922 година.

1987.- Во Скопје умре Спасе Чучик, истакнат македонски просветно-педагошки работник, општественик и учесник во НОВ на Македонија. Тој е еден од првите просветни работници во слободна Македонија кои го понесоа товарот и одговорноста на мошне сложената и тешка општествена и просветителска задача и пристапија кон остварувањето на воспитно-образовната дејност на македонскиот јазик. Особено е значаен неговиот придонес, заедно со други автори, во издавањето на првиот македонски буквар во 1945 година. Роден е во Дебар, во 1907 година.

1990.- На британскиот новинар Фарзад Базофт ирачкиот суд поради наводна шпионажа му изрече смртна казна која по пет дена беше извршена и покрај протестите во страство и апелот од Багдад да му го поштедат животот.

1992.- Наместо терминот “милиција”, што се користеше во Република Македонија за припадниците на Министерството за внатрешни работи, почна да се употребува терминот “полиција”.

1993.- Сухарто по шести пат е избран за претседател на Индонезија.

1995.- Полковник Станоја Богев е промовиран за прв генерал на полицијата на Република Македонија.

1997.- Ватикан воспостави дипломатски односи со Либија.

2004.- Либија го потпиша протокотолот со кој на Меѓународната агенција за атомска енергија и е дадено правото да врши ненајавени инспекции на либиските постројки.

2005.- Во самоубиствен напад во ирачкиот град Мосул, за време на погреб на еден шиитски верски лидер, животот го загубија 47 луѓе, а преку 100 беа ранети.

2012.- На 84-та година од животот во својот дом во Калифорнија умре американскиот хемичар и Нобеловец, Френк Шервуд Роуланд кој прв предупреди за озонските дупки. Доби Нобелова награда заедно со Марио Молина и Пол Круценом во 1995 година за хемија за придонес во атмосферската хемија. Тие тројца научници први предупредија на опасност од хлорофлуороводороди кои ја уништуваат озонската обвивка на Земјата. Според нив, доколку луѓето продолжат да користат во постоечките количини хлорофлуороводород кој се наоѓа во спрееви, дезодоранси и други предмети за домаќинство, озонската обвивка која ја штити Земјата од преголема ултравиолетова радијација, ќе ја снема за неколку децении.

Слични содржини