Краткотраен притвор за две лица за 5-те тони марихуана во Србија

Премиерот Мицкоски повика на трпеливост, бидејќи досега тоа што требало да го споделат со јавноста го кажале и вината ја лоцираше кај претходната влада

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: МУП Србија

Кривичниот суд определи краткотраен притвор од 48 часа за двајца осомничени за случајот со 5-те тони марихуана запленета во Србија.

Како што велат од Обвинителството, од преземените дејствија и докази постојат основи на сомневање дека лицата се инволвирани во случајот, а барањето за притвор е со цел да се обезбеди нивно присуство, додека јавниот обвинител ги презема неопходните процесни дејствија и додека се донесе одлука за натамошно постапување.

Во вакви случаи, особено кога се работи за предмети со поголема сложеност, како и предмети со меѓународен карактер, временските рокови често се ограничени, што ја оправдува примената на оваа мерка, велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

„Барањето за определување на краткотрајниот притвор е со цел обезбедување на лицата и овозможување на доволно време на јавниот обвинител за преземање на неопходните процесни дејствија и донесување соодветна одлука за понатамошно постапување. Во вакви случаи, посебно кога се работи за предмети со поголема сложеност, како и предмети со меѓународен карактер, временските рокови често се ограничени, што ја оправдува примената на оваа мерка. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжува со интензивно постапување во предметот и јавноста ќе биде навремено информирана за понатамошниот тек, согласно законските можности“, информираат денеска оттаму.

По заплената кај нашиот северен сосед беше спроведена акција, најпрво во скопската „Алфафарм“ од каде беа одземени над девет тони, бидејќи нејзиниот ко-сопственик Иван Драгниќ беше уапсен во Србија, а потоа уште над 30 тони од две фирми во струмичкиот регион.

Во однос на случајот, денеска со свој коментар и премиерот Христијан Мицкоски. Тој кажа дека во истрагата се отвораат нови перспективи и агли и дека се зголемува бројот на лица кои се вмешани, но повторно побара јавноста да биде трпелива и вината ја лоцираше кај претходната влада.

Српската полиција на 29 јануари заплени пет тони марихуана на подрачјето на селото Коњух кај Крушевац, околу 200 километри јужно од Белград. Тамошното Обвинителство покрена постапка против петмина осомничени: советникот од редовите на Српската напредна партија Раде Спасојевиќ и неговиот син Небојша, како и против Иван Драгниќ, Урош Младеновски и Александар Мијаловиќ, означен како организатор на групата, кој се наоѓа во бегство.

Осомничените на сослушувањето на 31 јануари во Обвинителството за организиран криминал се бранеа со молчење, по што Вишиот суд во Белград им одреди едномесечен притвор на Иван Драгниќ, како и на Раде и Небојша Спасојевиќ.

Според информациите на Обвинителството за организиран криминал (ТОК), оваа организирана криминална група ја донела марихуаната во јануари 2026 година од Македонија.

„Според планот на организаторот, опојната дрога преку границата ја пренесувал осомничениот Иван Драгниќ до магацин на семејството на осомничените Спасојевиќ, од каде што за понатамошна продажба ја преземал осомничениот Урош Младеновски“, соопшти ТОК на 31 јануари.