КРИСТАЛНО ЈАСНИ И ПРИЈАТЕЛСКИ пораки на Штајнмаер: „Членството во ЕУ е тапија за опстанок и сестран развој на Македонија“

од Nikola Popovski
421 прегледи

Германскиот претседател Франк Валтер-Штајнмајер при првата посета на земјава се обрати во Собранието пред пратениците и меѓу другото испрати силна порака дека уставните измени се повеќе од собирање политички поени и лично профилирање.

-Свесен сум дека патот кон Европската Унија е сè освен лесен, дека довербата и трпението во преговорите ќе бидат оптоварени, но мојата молба до вас пратеници, но и до сите граѓани на Северна Македонија е да продолжите да чекорите по патот на пристапниот процес и тоа решително, не скршнувајте на последните метри, порача Штајнмајер и испрати молба да не се губи од вид толку долго посакуваниот стремеж -пристапувањето кон ЕУ.

Дел од експертската јавност гледа различно на говорот на Штајнмајер во Парламентот.

Според политичкиот аналитичар Ерол Ризаов, „направивме да се не види добронамерноста и пружената рака“.

Ерол Ризаов

Ерол Ризаов

-Како и многу пати досега од кристално јасни и пријателски пораки успеавме уште пред да си замине гостинот, германскиот претседател Штајнмаер, да ја заматиме водата да не се види добронамерноста и пружената рака на силна поддршка во остварување на највисоките стретешки државни интереси на Македонија, вели Ризаов за „Локално“.

Аналитичарот смета дека бессмислено е да се толкува она што е јасно кажано во говорот на германскиот претседател пред пратениците во Собранието.

-Сосема друга работа е дали со тоа ќе се согласиме или не. Додека пак налудничаво е неговите зборови да се извртуваат насочувајќи ги во спротивна насока од она што како пораки до граѓаните на Македонија и до пратениците, политичарите, интелектуелните и деловни елити ги испрати германскиот претседател, оценува Ризаов.

Тој порачува дека е жално што ова редовно ни се повторува при секоја значајна посета и при секоја недвосмислена порака, која означува побрзо членство на Македонија во ЕУ.

-Така ги дочекавме и пораките и отвореното писмо до граѓаните на Македонија на германскиот канцелар Олаф Шолц, така бевме недоверливи и воздржани на повеќето искажани поддршки на германската канцеларка Ангела Меркел и нејзината силна ангажираност Македонија да ги почне преговорите со ЕУ и да се најдат компромисни решенија со соседите. Најлошо помина претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лејен, која беше иссвиркана во Собранието при нејзиниот говор од некои народни избраници на голем срам на граѓаните на Македонија, објаснува соговорникот.

Ризаов потенцира дека нема ништо нејасно во говорот на Штајнмајер.

-За мене членството во ЕУ е тапија за опстанок и сестран развој на Македонија. Јас така го читам брилијантниот говор на германскиот претседател Штајнмаер.

Петар Арсовски

Петар Арсовски

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски е категоричен дека е најглавната порака на Штајнмајер е кон опозицијата дека мора да одлучат дали ќе ги поддржат уставните измени или не.

-Очигледно е дека европската заедница е сериозно заинтересирана за прогрес, побрзана евроинтеграција на регионот од геополитички причини во ЕУ и дека опозицијата мора да одлучи дали таа ќе биде единствениот причинител што Македонија нема да ги отвори поглавјата, а со тоа и пристапните фондови, порачува Арсовски за „Локално“.

Штајнмајер во својот говор зборуваше и за прифаќањето на францускиот предлог-преговарачка рамка за земја и тензиите во Собранието за време на дебатата во јули годинава, при што аналитичарот порача дека донесовме историска одлука.

-Како што донесовме и со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и Преспанскиот договор, но факт е дека таа одлука за многу наши граѓани е болна и компромис кој што можеби се уште имаат дилеми дали се исплатеше. Мислам како што поминува времето, исто како и за другите договори, ќе сфатиме денеска дека бенефитите се поголеми од цената, оценува Арсовски.

Н.П.

Слични содржини