По 15 одиграни натпревари од оваа сезона, тимот на Манчестер Сити забележа 13 победи и две ремија, по што многумина им предвидуваа уште една сезона за паметење како онаа минатата, во која поставија неколку рекорди и забележаа најголем број на освоени бодови во историјата на Премиер лигата. Но, во само два натпревари сите надежи се срушија и Сити ја покажа несовршеноста.

Последните два натпревари во домашното првенство не поминаа онака како што сакаше Пеп Гвардиола, бидејќи Манчестер Сити загуби најпрво од Кристал Палас, па потоа и од Лестер.
Предвесник за лошите вести беше поразот од Челзи на гостински терен, кој го изненади Гвардиола, но и целата англиска фудбалска јавност. Можеби најголемиот проблем беше што тој пораз дојде пред згуснатиот распоред околу божиќните празници, кога Англичаните традиционално играат повеќе натпревари во многу краток временски период.
Кога Пеп изјави дека мора да го ротира составот за да „не му умрат играчите“, многумина го сфатија како шега, инсистирајќи дека Манчестер Сити има доволно квалитет во составот да одигра две врзани сезони едно по друго, без да се грижи за ротацијата. Но, тешко остварената победа преку пенали против Лестер му сигнализираше на шпанскиот тренер дека нешто не е во ред со екипата.
Она што се случи во наредните два лигашки натпревари изненади многумина, па дури и најголемите скептици во квалитетот на Сити. Пеп продолжи да ротира, составот се менуваше што поради повреди, што поради замор, и тие најпрво загубија од Кристал Палас, па потоа и од Лестер, иако и во двата натпревари го постигнуваа првиот гол.
Може да се извади заклучок дека главниот проблем на Манчестер Сити се повредените играчи. И тоа не само оние кои што се во моментов повредени, туку и оние кои се враќаат од повреда. Фернандињо веќе неколку години е клучен играч во средината на теренот, па неговата повреда силно го погоди составот на Пеп. Со Фернандињо во составот, оваа сезона Сити изгуби само двапати, а без него примаше повеќе голови и беше помалку ефикасен пред противничкиот гол. Покрај него, се повреди и Давид Силва, но тој експресно се врати во првиот состав. Се добива впечаток дека најголемата дилема на Гвардиола е во изборот на играчите кои ќе излезат на теренот. Враќањето на Кевин Де Бруин значеше дека некој мора да биде исфрлен од составот, па засега жртви на оваа тактичка измена се Ријад Марез и Габриел Жезус – двајца играчи кои тукушто влегоа во форма. Веројатно во наредниот месец Пеп Гвардиола ќе успее да ја идентификува неговата најдобра единаесеторка, бидејќи во спротивно може да се прости од борбата за титулата.
Следната препрека на патот на Манчестер Сити е тимот на Саутемптон, кој повторно го пронајде ритамот откако го доби новиот тренер Ралф Хасенхутл. Со победа против „светците“, Сити ќе се охрабри пред натпреварот со Ливерпул, кој доаѓа веднаш потоа. Досега тимот на Клоп се покажа како криптонит за Сити, но вербата на „граѓаните“ не смее да умре.