Во тек е една од најлошите пандемии во поновата историја, а научниците сметаат дека го пронашле начинот како коронавирусот се проширил на луѓето.
Се верува дека вирусот потекнува од лилјаци, пред да се прошири кај луѓето, преку животно-преносител.
Додека претходните истражувања укажуваа на панголин како можен преносител, канадски тим на научници сега пронајде нов „виновник“ – истражувачите од Универзитетот во Отава тврдат дека преносител е куче.

Главниот автор на студијата, професор Ксухуа Ксија, вели дека најверојатно сценарио е дека кучињата скитници се заразиле со корона јадејќи месо од заразени лилјаци.
– Предходникот на вирусот „Ковид-19“ и неговиот најблизок роднина, коронавирусот на лилјаци, ги заразиле цревата на кучињата, што најверојатно резултирало со брза еволуција на вирусот и скок на луѓето. Ова покажува колку е важно да се следат коронавирусите кај кучињата.
Инаку, лилјаците се еден од најголемите резервоари на вируси – тие се „виновни“ за ширење на болести како што се ебола, беснило и САРС.
Бидејќи луѓето и лилјаците ретко имаат контакт, обично има друго животно вклучено во ланецот на пренесување на вируси.