Курти: Косово веќе прифаќа мигранти што САД ги депортира

Косово почна да прифаќа мигранти што САД сакаат да ги депортираат, во согласност со договорот со администрацијата на претседателот Доналд Трамп, изјави премиерот Албин Курти, пренесе АФП.

од Vladimir Zorba
8 прегледи Фото: Фејсбук/Официјален профил на Албин Курти

Косово почна да прифаќа мигранти што САД сакаат да ги депортираат, во согласност со договорот со администрацијата на претседателот Доналд Трамп, изјави премиерот Албин Курти, пренесе АФП.

Курти рече дека Косово прифаќа луѓе што САД не сакаат да ги задржат на своја територија, истакнувајќи дека едно или две лица веќе пристигнале во земјата.

Според договорот постигнат во јуни, Косово може да прифати до 50 мигранти, а договорот е склучен за период од една година. Владата во Приштина претходно изјави дека аранжманот изразува „трајна благодарност до САД за нивната поддршка од прогласувањето на независноста во 2008 година“.

Курти ја презеде функцијата во февруари, но неговата влада оттогаш падна, па затоа предвремените избори ќе се одржат на 28 декември, потсетува француската агенција.

Во исто време, САД остро ја критикуваа партијата на Курти, обвинувајќи ја за поткопување на стабилноста на Косово со тоа што спречила српска политичка партија да учествува на декемвриските избори.

Косово, исто така, ратификуваше договор со Данска според кој странските затвореници осудени во таа земја ќе можат да ги издржуваат своите казни во затворите во Косово.