Курти: Меркел не побара Косово да се приклучи на „Отворен Балкан“

од Nikola Popovski

Премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека германската канцеларка Ангела Меркел на средбата во Тирана не побарала Косово да се приклучи на иницијативата „Отворен Балкан“.

„Од нас не беше побарано да се приклучиме на Отворен Балкан. Владата на Косово е влада на суверена држава. Не сметаме дека е во наш интерес да бидеме заедно со Србија, која не ја призна независноста на Косово. Тие не извршија притисок врз Косово, туку врз Србија. Треба да се изврши притисок врз Србија, која ги негира злосторствата и не ја признава независноста на Косово“, рече Курти на прес-конференција по средбата со Ангела Меркел.

Курти додаде дека на средбата било потврдено дека Берлинскиот процес е рамка за европска интеграција за Западен Балкан, дека е „доволно длабок и широк“ и дека не му требаат алтернативи.

Тој изрази уверување дека Берлинскиот процес ќе продолжи и по завршувањето на мандатот на германската канцеларка Ангела Меркел.

„Нагласив дека не треба да има европски фондови без европски вредности“, рече Курти, додавајќи дека елементите се неопходни за траен мир и долгорочна стабилност, како владеење на правото што работи против корупцијата и олигарсите, демократизација што овозможува слободни и независни медиуми , соочување со минатото и реципроцитет во малцинските права.

Зборувајќи за иницијативата „Отворен Балкан“ на заедничкиот регионален пазар, што ја започнаа Србија, Северна Македонија и Албанија, Курти изјави дека во таа иницијатива нема Европска унија.

„Република Косово е независна држава за која сите ние мора да се обврземе, без оглед на позицијата што ја имаме, да бараме нејзино признавање и да не очекуваме разбирање за Србија за непризнавањето на независноста на Косово“, рече тој.

Слични содржини