Кузеска: Мицкоски се уште има шанса да се приклучи на европскиот пат

од Nikola Popovski

Кога се работи за државните и национални интереси оваа недела ќе стане јасно и што одлучил Христијан Мицкоски: дали ќе ја поддржи европската иднина или ќе остане во заложништво на Левица во анти-европскиот блок, соопштија денеска од СДСМ во пресрет на најавената лидерска средба која треба да се случи во текот на наредната недела.

Според портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, сите политички субјекти вклучително и ВМРО-ДПМНЕ имаат обврска пред граѓаните и иднината на државата, со глас за Европа да дојдеме до остварување на уште една стратешка цел – членство во ЕУ.

-Мицкоски ќе покаже дека навистина е за единство и за реализација на национални и стратешки цели на земјата само доколку го поддржи европскиот пат и потребните реформи.

Национално единство не се прави ниту со блокади на државата, а најмалку со поделба по етничка или по каква било основа.

Додека СДСМ отсекогаш била и е на страната на државните национални интереси, ВМРО-ДПМНЕ досега не поддржала ниту една стратешка одлука, рече Кузеска од седиштетото на владеачката партија, повторувајќи дека „Мицкоски се уште има шанса да се претстрои на страната на државните интереси и да се приклучи на европскиот пат“.

Најавата за лидерска средба премиерот Ковачевски првично ја соопшти пред една недела. Официјален термин се уште нема, но нема ни во кој формат е замислена средбата што ја најави премиерот уште пред една недела за две прашања: евроинтеграции и односи со соседите. Мицкоски претходно, се изјасни дека за него е прифатлива средба еден на еден, додека пак, тимови на двете партии можат да се сретнат претходно како подготовка на лидерскиот  состанок. За него, клучно е од лидерската средба да произлезе суштински заклучок за државата и граѓаните, а не, како што вели, само да се прави пи-ар и спектакл за јавноста.

Слични содржини